сабота, 19 август 2017 | Вести денес: 0 ново

Kонцерт на џез-музичарите „Биг Бенд“ и слободни уметници од Скопје вечерва на „Охридско лето“

Осмиот ден од годинешното издание на Фестивалот „Охридско лето“ резервиран за целовечерен концерт на Здружението на џез-музичари „Биг Бенд“ и слободни уметници од Скопје, закажан за вечерва на сцената на Долни Сарај.

Здружението на џез-музичари и слободни уметници  e невладина организација, основана  со  цел да ги обедини џез-музичарите од Македонија и да ја афирмира и популаризира македонската џез-музика.

Во здружението членуваат дел од најреномираните џез-музичари од Македонија, студенти и професори на џез-академиите во Скопје и во Штип, како и слободни уметници, љубители и помагатели на овој вид уметност. Здружението работи на подобрување на музичката продукција, се залага за едукација на млади таленти и ентузијасти, за афирмирање на џез-музиката преку организирање џез-фестивали и настани што ќе помогнат во негувањето на џез-културата во Македонија.

Здружението го сочинуваат Кирил Кузманов (саксофон), Иван Иванов (саксофон), Трајче Велков (труба), Сашко Николовски (тромбон), Владан Дробицки (тромбон), Гордан Спасовски (пијано), Зоран Костадиновски (гитара), Кирил Туфекчиевски (контрабас), Гоце Стевковски (тапани)… Тие се само дел од музичарите кои со „Биг Бенд“ реализираа неколку успешни концерти во изминатиот период.

Премиерно ансамблот настапи пред јавноста со проектот „Битлси“, управуван под диригентската палка на реномираниот австриски диригент, професор на Универзитетот во Грац, Зиги Фајгл, додека „Биг Бенд“ тековно работи под диригентска управа на Џијан Емин.

„Биг Бенд“ беше придружба на Виенскиот бал во Скопје, а оствари и забележителен настап на Денови на македонската музика и на манифестацијата „Денес сѐ е џез“, организирана од Здружението на џез-музичари и слободни уметници.

Почетокот на концертот е закажан за од 21 часот.

Top