недела, 19 ноември 2017 | Вести денес: 41 ново

Врачена меѓународна награда на Турскиот театар

Во Македонскиот народен театар, со пригодна свеченост,  Симон Грабовац, уметнички раководител на Интернационалниот фестивал на алтернативен и нов театар „Инфант“, што веќе 44 години се одржува во Нови Сад, на Атила Клинче, директор на Турскиот театар од Скопје му беше врачена плакета за добиената награда за најоригинално истражување на еден сегмент од театарскиот јазик на годинешниот фестивал за претставата „Отело“ од Вилијам Шекспир, во режија на Дејан Пројковски со актерите Џенап Самет (Отело), Сузан Акбелге (Дездемона), Селпин Керим (Јаго), Осман Али (Касио), Зубејде Али (Емилија) и Неат Али (Родриго).

Кореографијата е на Олга Панго, музиката на Горан Трајкоски, а сценограф е Татјана Христоска Блажевска. Костимограф е Тања Кларис, асистент на режија Теодора Силјаноска, а асистент на сценографија Милан Несторов. Во претставата се користени искуства од кунг-фу мајсторот Влатко Здравковски.

Наградата, како што стои во образложението на меѓународното жири е доделена на претставата „Отело“ која  на иновативен начин преточува едно класично дело во театарски експеримент. Најважниот сегмент на претставата е употребата на водата, која од успешно сценографско решение се издигнува до повеќеслојна симболика, ефектен режиски пристап, ја стимулира актерската експресивност и воспоставува комуникација со публиката.

Наградата е освоена во конкурнција на  претстави од Израел, Индија, Канада, Србија и Македонија

Top