недела, 19 ноември 2017 | Вести денес: 31 ново

Изгласана завршната сметка на Буџетот за 2016 година

Со 92 гласа „за“, без воздржани и против, Собранието на Република Македонија попладнево во рамки на осмата седница ја донесе завршната сметка на Буџетот за 2016 година.

Министерот за финансии Драган Тевдовски, кој вети дека на крајот на мандатот Македонија ќе има завршна сметка како Данска, во образложението наведе дека вкупните приходи на Буџетот се реализирани во износ од 169,3  милијарди денари, а расходите во износ од 185,4 милијарди денари, поради што буџетскиот дефицит изнесува 16,1 милијарда денари, односно 2,7 проценти од БДП.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ во денешната расправа посочија дека во времето на владата предводена од нивната партија се трошело домаќински, се зголемиле платите, пензиите и социјалната помош, а редовно биле исплатувани и субвенциите. Забележаа дека е погрешна политиката на сегашната Влада да ја запре реализацијата на значајни инфраструктурни проекти, како што се автопатите и регионалните патишта.

На денешната пленарна седница беше донесена одлука за разрешување на генералниот секретар на Собранието на РМ, Жарко Денковски. За нов генерален секретар на Собранието на Република Македонија е назначена Цветанка Иванова, правник и поранешен пратеник од редовите на социјалдемократите.

Талат Џафери попладнево ја прекна осмата седницата, а продолжението, како што рече дополнително ќе биде закажано.

Top