среда, 16 август 2017 | Вести денес: 82 ново

Театар Трагедија на Алаѓозовски и Заев: Избрканите директори „поради блискост со Груевски“ воделе најгледани и најнаградувани театри

 

Скандалозна одлука која нема никаква врска со мирен трансфер на власта и демократските промени и стандарди – токму вака е коментирана скандалозната промена на директорите на Театарот Комедија и Театарот за деца и младинци. Оваа одлука од Министерството за култура ја објаснија со невидена фашизоидна и тоталитарна реторика – дека единствена цел за смената на Јелена Жугиќ и Бато Димитров била „да се ослободат институциите од кадри кои биле под целосна контрола на Никола Груевски“.

Но, да видиме што поточно „ослободија“ Алаѓозовски и Заев. Еден од театрите кој бил „под директна контрола на Никола Груевски“ според нив, а според сите здраворазумски гледачи, актери, режисери, сценографи и учесници во претставите – „под контрола“ на целиот тим на Јелена Жугиќ, е театар кој од неговото формирање во 2011 година до денес има вртоглав раст и на број на претстави и на гледачи и на награди како доказ за задоволството на публиката од квалитетот кој се нуди.


Во своето неколкугодишно постоење Театар Комедија има освоено повеќе награди и признанија: Најдобар млад актер, костими и музика за претставата „Женидба“ на националниот театарски фестивал Војдан Чернодрински во 2013 година, најдобар млад актер за претставата „Хамлет во Пикантен сос“ на истиот фестивал следната година. Претставата „Ах љубов моја“ се врати со три награди за актер на вечерта, најдобра режија и најдобра продукција од фестивалот Мостарска лиска во Мостар.

На фестивалот за античка драма Стоби 2014 година со претставата „Многу врева за ништо“, Театар Комедија ги доби наградите за најдобра машка и најдобра женска улога, како и наградата за најдобра режија, а во 2015 и 2016 година Театар Комедија со претставите „Лисистрата“ и „Случајот Хармс“ учествуваше на фестивалот Денови на сатиарата во Загреб од каде се врати со награда за најдобар млад актер-карактерна комика и посебна пофалба за лудистичка, енергична и колективна игра.


 

Оваа година беше особено плодна за овој театар, освојувајќи уште неколку интернационални награди. На фестивалот во Бања Лука за претставата Трудна Приказна беше доделена наградата „Исчекор во храброста“, додека пак на фестивал во Сараево, за најдобра претстава беше прогласена изведбата на „Име“ на овој театар, во кој пристигна и наградата за надобра машка улога.

Максимално успешно за Театар Комедија помина и 52-то издание на Фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, собирајќи ги наградите за најдобар текст, женска и машка епизодна улога, главна женска улога и најдобра претстава годинава за „Трудна Приказна“.

Од НУЛА до 132.000 гледачи за неколку години 

Но, да видиме што вели статистиката за овој театар кој според Алаѓозовски и Заев бил „заробен под влијание на Никола Груевски“: Театар Комедија е најпосетуван театар во Македонија по изиграна претстава, односно изразено во бројки бележи пораст како во бројот на одиграни престави, така и во број на посетители.

Формиран е во ноември 2011 година. Наредната 2012 година на репертоарот на Театар Комедија се одиграни 48 претстави со 11.537 посетители, во 2013 г. 69 претстави со 19.823 посетители, во 2014 г. 100 претстави со 33.833 посетители, 2015 г. 113 претстави со 30.305 посетители и во 2016 г. 120 претстави со 36.204 посетители, односно вкупно 450 претстави и 131.702 посетители, без да ја вклучуваме првата половина од 2017 година која го следи трендот на раст на овој театар.

Она што вреди да се спомне за Театар Комедија е дека редовно овозможува слободен влез за средношколци и студенти но и поддржува разни хуманитарни активности, за што благодарната публика знае да се оддолжи и да мисли на театарот дури и кога се качува на највисоките планински врвови во светот.

Ова се само неколку факти од успешната приказна на Театар Комедија воден од Јелена Жугиќ која вчера беше променета со потпис на Роберт Алаѓозовски затоа што тој и Заев сметале дека била „под контрола на Груевски“. Соопштението за јавноста напишано од невладиниот профитер Петрит Сараќини кој се вработи како шеф на секторот за односи со јавноста во Мин. за култура, го опишува вистинското расположение, наталожени фрустрации и вистинското лице на новата антиреформска влада на СДСМ, за која не се важни ниту професионалците кои водат институции, ниту успешноста со која ги водат – туку единствено им е важно насекаде да постават свои партиски војници и послушници, односно тотално да ја партизираат државата.

Не е дека не се обиделе да измислат причина: театрите во кои се променети директорите биле опсипани со инспекции кои по секоја цена се обидувале да најдат некоја грешка во работењето, која би се искористила како оправдание за нивната промена. Но, таква немало. Дури и инспекторите во една прилика забележале дека театарот во кој бараат грешка може да послужи и како пример за работењето на театрите низ државата. Сепак, тоа не ги поколебало тоталитарните умови со фашизоидни идеи, по секоја цена да инсталираат свои послушници со спорни компетенции во бранот за брутална партизација на Македонија.

Слична судбина ги очекува и директорите на другите театри, кај кои инспекциите „ровареа“ изминативе денови и не најдоа ништо – што нема да е проблем за северно-корејските креативци како Заев и Алаѓозовски, кои и овие луѓе ќе ги прогласат за колаборационисти на Груевски и ќе ги тргнат од раководните места на своите институции.

СДСМ неодамна го започна бранот на партиска чистка со бркањето од работа на сите 1.500 членови на управни и надзорни одбори на јавни претпријатија, институции и други правни субјекти, парализирајќи ги речиси сите од нив. Сега се соочува со неможност да надомести со кадар, бидејќи немаат доволно стручњаци, па затоа ќе бараат промена на Законот за државни службеници кој е донесен пред неколку години во соработка со Европската комисија – односно СДСМ ќе ги намалува стандардите за да вдоми свои партиски војници и послушници. Ова е нешто слично со антиреформите на СДСМ во владата, каде како Советници на Заев натрупа многу првоборци на протестите кои се одржуваа изминативе години низ Македонија, а кои се декларираа како невладин коректив на секоја власт. На крај, приказната испадна сосема поинаква: невладините само глумеа невладини и одработуваа за интересите на Заев и СДСМ, за што беа и се наградени. Тогаш со дневници на Сорос, сега со плата од македонските граѓани.

           Каков е тој режим на ВМРО-ДПМНЕ со ШАРЕНИ АКТЕРИ, ДРАМАТУРЗИ и РЕЖИСЕРИ – ПАРТИСКИ ВОЈНИЦИ НА СДСМ?

Ова е прашањето кое е сосема легитимно да се постави како тест на интелигенција за Алаѓозовски, Заев и Сараќини: какви се тие институции со директори како Жугиќ и Димитров под директна контрола на Груевски (за што нели, мора да бидат казнети), а во кои работат неброено многу „шарени“ режисери, актери, драматурзи? Каков е тој режим во кој редовно на репертоар има претстави од Владе Милчин од Сорос?

Одговорот е многу едноставен: немало никаков режим, како што немало никакви невладини борци за слобода, туку имало само профитери кои глумеле дека се опресирани, за да дојдат во позиција и да ги земат местата на најнаградуваните и најуспешните во својата професија. Зошто? Па, ако било поради способност, како што покажало ВМРО-ДПМНЕ во своето работење, сигурно ќе напредувале – како што напредувале доста „шарени“ уметници. Но, кога талентот и упорноста не се доволни, тука секогаш на припомош може да дојде принципот на Курто Дудуш.

И кога ќе стане јасно за сите, дури и признато официјално како што тоа го направи Алаѓозовски вчера, дека во Македонија со доаѓањето живот ќе се цени само партиската покорност, а сите други ќе бидат брутално и без законска причина елиминирани од сцената, тогаш може да се заклучи дека комедијата станала трагедија, а режисерите и драматурзите од СДСМ вистински хорор за македонската култура и општество генерално гледано.

Top