недела, 23 јули 2017 | Вести денес: 36 ново

МКФ одлучи, бесплатен влез за пријателската со Бугарија

Македонската кошаркарска репрезентација се врати од Словачка и веќе продолжи со тренинзите во следната фаза од подготовките пред стартот на претквалификациите за СП 2019. „Црвено-жолтите“ утре со почеток во 20.30 часот во СЦ „Борис Трајковски“ ќе одиграат контролен натпревар со селекцијата на Бугарија, а МКФ донесе одлука влезот за оваа средба да биде бесплатен.

Овој дуел, како и претстојните средби од „Трофеј Македонија“, ќе бидат последни можности за кошаркарите за докажување пред селекторот Давитков конечно да го скрати списокот и да ги одреди кошаркарите кои ќе ги бранат боите на Македонија на квалификациските средби со Косово и со Естонија.

На денешниот тренинг на националниот тим присутен беше и претседателот на МКФ, Петар Наумоски, кој имаше кратко обраќање кон кошаркарите.

– Настрана тоа што се случи во Словачка, вие сега морате да се посветите на периодот што следи. Од вас сакам да видам борба на теренот, сакам мотивација и желба за игра и за победа. Не сакам да видам предавање од самиот старт. Од мене и од федерацијата секогаш ќе имате поддршка, без оглед на сè, во мене имате пријател и тука сум ви за сè што ви треба“ – им порача Наумоски на македонските репрезентативци.

Top