петок, 18 август 2017 | Вести денес: 2 ново

Антимакедонската политика на Заев ја прикриваат албанските радикали

Македонија во моментот е сведок на вистинска офанзива на сеење магла и правење димни завеси, акции кои мораат да ги засенат антинационалните и антидржавни потези на Заевата влада. Сфатливо, човекот си има голем проблем. Мора да го испорача ветеното, а роковите, несомнено, силно притискаат. Им врати на шарените и „невладините“, но долгот кон „чадорот“ е главниот залог во преселбата од „Павел Шатев“ на „Илинденска“. Големината на хипотеката ги активира сите пропагандни орудија. Не бадијала и вработија толку новинари и агипропи во Владата. Маглата се сее на две главни полиња - странците во очекување на главните антинационални „реформи“ прават силен ветер во едра и пеат патетични химни за Заев и неверојатните реформи на владата му, чии министри сѐ уште не знаат ни каде им се канцеларите, а не па да сработиле нешто. Освен со позитива, се оди и со застрашување – албанските радикали кои се секогаш на готовс се пуштија во кршење гробишта, напади врз македонски патриоти по затвори, заканувачки соопштенија и дигање тензии. Два проверени рецепти за дефокус и „мала дигресија“ од вистинските проблеми. Пораката следува: сменете го името, ќе влезете во НАТО и ЕУ и сѐ ќе биде во ред...

Соочени со „реформите“ кои мораат да ги испорачаат за враќање на долговите кон оние кои ги донесоа на власт, нововладините коалиционери се сетија на една стара, добра финта. Поради вродената неинвентивност која е и главен виновник за нивното мото „повторувањето е мајка на знаењето“, тие применија проверен рецепт. Овојпат, за некаква промена, направија и колаж од проверени рецепти.

Секогаш кога во Македонија треба да се случи нешто што не е по волјата на граѓаните, барем на мнозинството нели, во шема се стават две идентични и делотворни сценарија.

Едното, поретко користеното е странската позитивистичка „деус екс макина“, навидум оптимистичка и добронамерна интервенција на Божјата рака со која се замаглува очигледното и на народот му се пушта вода дека сѐ е супер и прекрасно, демек, ќе биде и уште подобро. Најдобар пример на оваа успешна играрија со чувствата на Македонецот беше 2004 година, кога на еден ден пред референдумот за нова територијална организација, САД нѐ призна под уставното име. Тогаш, граѓаните изгорени од сѐ уште блискиот конфликт во 2001 г., се понадеваа дека, конечно, доаѓаат подобри времиња и дека сите ќе нѐ признаат под уставното име, па со две раце ја прифатија лажната подадена рака од Вашингтон и дозволија територијална поделба на земјата. Резултат – албанизација на Кичево, Струга и Скопје со неприродно прилепување на рурални средини. Сосема случајно, нели, на власт и тогаш беше СДСМ, Радмила Шекеринска на големо ја тераше небулозната антикампања „Некои прашања не заслужуваат одговор“, Бучковски едвај извлече жива глава во Струга, на Заев сѐ уште му го переа мозокот во 103-от ешалон на партијата, а „пријателската“ САД ја заврши целата работа. Никој не се посомнева во задната намера на признавањето, а референдумот испадна неуспешен. Да, и тогаш ВМРО-ДПМНЕ беше против нелогичната „направија“.

Втората, во минатото многу почесто користена алатка за дефокусирање на јавноста за протуркување на глупости беше и остана дигањето меѓуетнички тензии. Тотално преверен и успешен рецепт за мала дигресија од темата, кој повторно игра на картата на чувствата на граѓаните. Тензиите се дигаат до небо, актуелната тема паѓа во сенка, па СДСМ си ја сработува зададената задача.

Најнова алатка им е СЈО, но поради неаргументираноста на обвиненијата темелени на пусти индиции, ширењето магла од нив испадна ќор-фишек, па мораа да се вратат на проверените рецепти. Што не значи дека нема пак да ги употребат, макар за мала димна завеса, малечка колку и читачките способности на нивната прва дама. Од пуста навика.

„Добронамерните“ странци и лажната еуфорија за заевата „реформска“ влада

Овојпат, поради сериозноста на темата и тежината на „реформите“ кои мораат да ги спроведат, „чадорот“ очебијно наложил употреба на сите можни средства кои им стојат на располагање, сѐ само да се исполни зацртаното.

Така, за првпат во 26-годишната историја на земјата, сведочиме на перфидно наложена паралелна употреба на двата проверени рецепти.

Од едната стана е лажното ширење на неоснован оптимизам и секојдневните „пофалби“ кои стигаат на адреса на Заевата влада и компанија од истите оние амбасадори кои „пута три“ од фалбите секојдневно ги кудеа и оцрнуваа Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, засилени со проѕирни ишарети на челници на ЕУ и САД. Овде се Хан, Вајгл, Могерини, Германецот Рот и, секако, Американецот Пенс.

А кои тоа реформи ги нарави новата влада? Ај што за еден месец владеење, Заев и компанија сѐ уште немаат поим ни каде им се канцелариите и не можат да дигнат глава од вработување на разни Васиљи, Забрчанци, дузина „професионални, непристрасни и објективни“ новинари и исто толку шарени „револуционери“ и „невладини“ активисти кои станаа владини потрчковци за кои се измислија имагинарни советнички места во до вчера „претрупаната и превработена“ влада, но кога тие имаа време да спроведат каква и да реформа? Што виде „меџународната“ од тие реформи? Дали толку го бендисаа стопирањето на изградбата на автопатите низ Македонија, на Клиничкиот центар? По ќеф ли им беше задолжувањето со нови 60 милиони евра, целосната партизација на институциите и стопирањето на нови странски инвестиции? Паднаа ли и странците на најавите за алкохол по 21 часот, цигари во кафеани, евтина струја, укинување на радиодифузната такса, минимална плата, просечна од 30.000, специјалистичка од 100.000, породилно до 18 месеци?

Тешко. Странците, исто како и врапчињата знаат дека ова е најевтин популизам кој и не ги засега. Фалбите на Заева сметка за некакви си реформи, кои и физички не можеа да ги изведат, освен да ги ветат, е странски влог во главните „реформи“ кои следат. Башка, Заев за толку кусо време со посетите на Бугарија и Грција, како и со 90% спроведување на тиранската платформа која не постоеше, покажа дека „сериозно“ работи на зададените задачи, поради кои и го донесоа на „Илинденска.“

За потврда на кажаното, иако за сторените глупости во само еден месец не ни стигаат ниту 100 страници, чувте ли досега лош збор од странците за Заевата влада? Слушнавте ли каква и да е критика за „турбо“ партизацијата? Осуда на голиот популизам? Прекинот на мегакапиталните проекти или задолжувањето? Јок. Штама, „калма“ од дипломатите. Се изнаслушавме само воспевања за некакви „реформи“, а единствена што само ја најавија беше „3-6-9“ и таа препишана со само променет наслов од претходната гарнитура. Да беше ВМРО-ДПМНЕ на власт, секојдневно ќе се редеа Бејли, Пломп, Алтхаузер, Гарет, Стефансон и други чеда амбасадорски и ќе пееја тажачки за катастрофалните потези на владата. Невладин сектор веќе не постои, оти сите се вработени во влада, а другите чекаат. И онака, што би работеле кога не смеат да плукаат против своите работодавци од „Павел Шатев“. Најфер испаднаа „професионалните“ новинари, кои ја затворија „фабриката“ и си се преселија во владата. Башка, истото снајде и дузина „поети“, твитерџи, фејсбукчии и какви ли не биљмези кои цела деценија ја труеја јавноста со мизерните, неинвентивни лажги и повраќаници за „режимот“. Сега вдомени во обновените режимски зданија, молчат и јадат „реформски“ морски плодови. На силен ќеф на амбасадорите кои до вчера мораа да ги „ранат“ од сопствен џеб, затоа што нивните НВО што сега се трансформираа во ВО (владини организации) со години беа силен товар на фондовите и грантовите на непристрасните ни амбасади. Па, како тогаш и да не го фалат Заев, нели, спасителот кој од врат им ги тргна и вработи довчерашните им крвопијци од кои немаа дерман?!

Да, „меџународната“ силно се израдува од послушноста на Заев и неговата исполнителност, јасно демонстрирана при посетата на Бугарија. Муртинецот покажа дека нема проблем да ги изврши зададените задачи, скрупули и национални чувства, пак, уште помалку. Одлично поле за наметнување на какви било глупоштини. Или беше нива?

Втора испробана шема: Меѓуетнички тензии за протнување на глупостите

Сепак, „чадорот“ не е Заев. Наредбодавецот е свесен дека прикаската со Бугарија и Грција нема да мине толку мазно кај граѓаните. Полека, но сигурно, се будат и оние заспани граѓани, на кои не може и не им е сеедно кога некој си игра со светите оставини на дедовците. За разлика од вејките од СДСМ, кои се задоволуваат со малку моќ и многу власт, творецот на сценариото знае дека најавените идиотски дејанија и играрии со историјата ќе предизвикаат силен револт кај Македонците. На страна што следуваат уште посилни удари по јазикот, името, знамето, химната, грбот…

Во понеделникот, на три недели пред Илинден, бевме сведоци на редица дејства кои навестија кон каде се движи новата дефокусирачка шема. Утрото започна со „мегаакција“ со блиндирани возила во Арачиново, ширејќи најпрво неспокој кај албанското население. Следуваше истото за македонското. Инструирани и платени дилетанти го повредија Македонецот кој го нападна Зијадин Села во Собранието на 27 април. Следуваше заканата од семејството на командант Соколи, терорист од Диво Насеље, дека ќе вратат со крв доколку добие доживотна казна затвор. Следниот чекор во сценариото беше најцрн, хулигани ги осквернавија православните гробишта во Љуботен. Денот заврши со реметење на мирот и на живите и на мртвите.

Овој стил на игра е класика, но следува ли сериозно дигање на тензиите во државата. Кој би имал корист од ова?

Први, барем навидум, би се офајдиле албанските радикали, кои со ова би ја забрзале двојазичноста и бинационализацијата на државата. Под притисок на меѓуетнички дивеења и тензии полесно ќе ги дореализираат точките од Тиранската платформа. Од друга страна, тоа би му дало и добро алиби на Заев – чуму и мора да ги спроведе. За мир во куќа, морав, нели…

Втор добитник би бил „чадорот“ и неговата амбасадорска тајфа. Во моментот тие и не уживаат некоја голема доверба кај граѓаните, барем кај мнозинството Македонци, а омразата која си ја „навлекоа“ со претходните дејанија со бугаризацијата и следните чекори само природно ќе се зголемува. Кога како „миротворци“ би ја прекинале тензијата и меѓуетничката агонија, секако со ветувања за НАТО, ЕУ и други тракатанци, би добиле привремен ореол на спасители, имиџ кој сигурно ќе го искористат и во притискањето за промената на името и убедувањето колку тоа би било добро за иднината на државата.

Тензиите во моментот, сепак, најмногу им одговараат на Заев и на неговата влада, кои во сенка на меѓуетничките пресметки би имале подобри шанси за помазна испорака на долгот. Одлична шанса да ги протнат сите антинационални (читај антимакедонски) идиотштини заради кои и задоволниот „чадор“ ги трансферираше од „Павел Шатев“ на „Илинденска“.

Некои прашања, дефинитивно, заслужуваат одговор

Од една страна создавање нереална еуфорија за некаква „реформска“ влада која за еден месец не направи ништо, неосновани фалби кои ќе продолжат да бидат силен ветер во едра за „реформаторите“, дополнителен кураж за заевистите во исполнувањето на ветеното кое и ги донесе на функциите. Во овој контекст е и јавувањето на американскиот потпретседател Пенс, кој го пофали Заев за „сработеното“. Заборави ли Пенс дека Заев и неговите партијци, „невладини“ и шарени „револуционери“, сега сите вработени во Владата, даваа силна поддршка за Хилари Клинтон, се крстеа во неа и плукаа по Трамп, дури и кога стана претседател? Нејсе, поважно е што секогаш кога се „јавува“ САД, во Македонија се случува нешто грдо и антинационално. Се повторува ли 2004 година? Кога ќе го обелоденат „добрососедскиот“ договор со Бугарија? Подготвуваат ли промена на името?

Да, некои прашања, дефинитивно, заслужуваат одговор.

Затоа, за да се избегнат истите, „чадорот“ сега ги користи сите психолошки финти за да наметне потреба од некаква нова, демек проевропска, реформска Македонија, (небаре до вчера бевме проруска или прокинеска) во која ќе тече мед и млеко, демагошки убавини во кои Македонецот капејќи се, ќе доживее општонародна амнезија и ќе ги прифати сите нереални „придобивки“, истовремено отфрлајќи ги сите идентитетски одредници како непотребен, патриотски луксуз.

А од патриотизмот не се живее, велат сдсмовските недоветни јуришници, карактеризирајќи го постојано како атавизам, занимација за „рајата“, споредувајќи го со „турбо фолк“ и редејќи му дузина други омаловажувачки квалификации. Да, тој не е извор на секојдневна егзистенција, на пари, патриотизмот е многу посилен и поблагороден, тој ја претставува љубовта кон татковината. Не, од него не се живее, со него преживуваат нации и се градат и опстојуваат држави. Или како што вели Едвард Аби, вистинскиот патриот мора секогаш да биде подготвен да ја брани државата од сопствената влада…

Пишува: Љупчо Цветановски
(Текст објавен во 254. број на неделникот „Република“, 14.7.2017)

Top