вторник, 19 септември 2017 | Вести денес: 98 ново

Повторно падна Телеком, корисниците блокирани

Телеком се соочува со нови проблеми. И денеска корисниците на услугите на овој оператор останаа без мрежа на мобилните телефони. Околу 11 часот и 30 минути не можеше да се воспостави никаква комуникација од мобилните броеви на Телеком, ниту пак да се користат интернет услугите. При обидот да свртете некаде на мобилните телефони се појавуваше известување дека нема мрежа.

Очигледно Телеком се соочува со големи проблеми периодов. Пред неполни три месеци неколку часа корисниците на услугите на „Телеком“ немаа телевизија, фиксна телефонија и интернет. Причината беше пролетен дожд. Телеком направи обид да се извини за грешката, доделувајќи бесплатни услуги и содржини во текот на јуни.

Но она што корисниците го очекуваат и бараат од операторот за кој плаќаат е стабилна мрежа и достапност на услугите во секое време. На оние кои и онака секој месец плаќаат претплата за интернет и телефонски услуги еден гига интернет гратис не им надоместува за пропуштените повици, неможноста да воспостават контакт кога тоа им е неопходно.  Тие бараат професионалност и добра услуга, нешто за што всушност скапо плаќаат, а реално не го добиваат.

Top