понеделник, 24 јули 2017 | Вести денес: 15 ново

ВМРО-­ДПМНЕ: Судот да ги врати пасошите на лицата опфатени во предметите на СЈО

ВМРО­-ДПМНЕ бара судот да ги отфрли политичките барања на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) и да донесе одлука со која што ќе се вратат патните исправи на лицата опфатени во предметите на Катица Јанева. ­

– Повеќе од очигледно е дека никој ниту ја опструирал правдата, ниту има намера да ја опструира. Никој ниту се дал во бегство, ниту има намера за такво нешто. Напротив, сите засегнати имаат интерес овој срамен период од македонскиот правен систем да заврши што побргу и што побргу да излезат на површина конструкциите и монтираните предмети од страна на СЈО. Го повикуваме судот да не влегува во ничии сценарија и да не биде нечиј инструмент за спроведување на одредено сценарио инспирирано од оние кои се плашат од Никола Груевски и доминантната поддршка која што ја има ВМРО­-ДПМНЕ меѓу народот, рече Зоран Илијоски на денешната партиска прес­конференција.

Судот, додаде тој, не смее да подлегне на политичките притисоци и пропагандата која во континуитет се врши од СЈО против ВМРО­-ДПМНЕ и раководството на партијата и мора да работи независно, објективно, со интегритет и да одлучува исклучиво врз база на докази. ­

– Нема ама баш ниеден правен аргумент за одземање на патните исправи на функционерите на партијата. Очигледна е намерата партијата да се изолира и вистината за политичките хајки кои се водат да не излезе подалеку од границите на Македонија. Инспираторот се надева дека на тој начин ќе го заслаби ВМРО­ДПМНЕ кое било и ќе остане столб во одбрана на највисоките државни и национални интереси, потенцира Илијоски.

Тој посочи дека намерата на СЈО е очигледна ­ тенденциозно, политички да се оцрни партијата и затоа бара мерки исклучиво против членови на ВМРО-ДПМНЕ и се одземаат патни исправи само по партиска линија.

Top