петок, 22 септември 2017 | Вести денес: 84 ново

Будалски прелудиум за Трета балканска војна

Алдо Климан

Се прашувам до кога ќе слушаме ординарни глупости од балканското меѓународно дипломатско, во морална смисла сосема засмрдено буниште, на кое како нозе од кокошки и петли со напрчени кикиришки само чепкаат и чепкаат барајќи нови гнасотии разни политичари, дипломати и секој друг аналфабетски и неморален џган на кој ќе му текне во Грција, во Бугарија и во Албанија, а еве сега им се придружи и ногата од кокошка од Србија низ клунот на нејзиниот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ. На средбата со грчкиот шеф на дипломатија Никос Коѕиас во Атина тој кукурикна дека Србија направила грешка кога пред 20 години го признала, како што рече, „Скопје” под уставното име Република Македонија. Дачиќ посебно си ја избербати устата со подмолната инсинуација дека Србија „за разлика од некои други народи, нема територијални претензии кон делови на Грција”.

Збеснати хиени глодаат до последното ковче, а ова сега очигледно повторно е време на оние што во историјата се потврдија како бескрупулозни балкански хиени со острвени заби кон Македонија. Велам повторно, зашто тие крвави освојувачки заби македонскиот народ најтрагично ги искуси во Балканските војни во 1912 и во 1913 година, кога тие бесни освојувачки ѕверови ни се нафрлија и и’ го кинеа, и и’ го парчосаа телото на нашата татковина Македонија и на нашиот несреќен македонски народ од што, еве, по сите геноцидни и денационализаторски политики и пракси што со ужасен успех ги спроведуваа врз нас, ни до ден денес не можеме да се опоравиме. И сеуште не им е доста!

Но што друго и да се очекува од еден нескриено и освестено перфиден политичар каков што е Ивица Дачиќ, однегуван и излезен од големосрпскиот шинел на Слободан Милошевиќ, кој не само со мразно лице и срце, туку дури и физиогномски, баш како да му е роден син на Слобо, или како дрвена кукла со ликот на Слобо-зборувач од мев, но и со своите извежбани театрални досетки, афектации и гримаси од типот на оние за кои пишува Брехт во книгата „Театралноста на фашизмот”, сосема потсетува на својот политички татко, кој со сопственото милитантно лудило зад себе остави над 200 илјади трагични и невини жртви и повеќе од еден милион и петстротини илјади бегалци, раселени и протерани луѓе на сите страни од светот.

Што сака Дачиќ? Србија да се вклучи во последниот можен грабеж на Македонија? Да се дограби до таканаречената „Јужна Србија” или „Вардарска бановина” од Кралството Југославија, со оглед на тоа што Грција веќе трајно ни го открадна егејскиот дел на Македонија, Бугарија Пиринска Македонија, а на Албанија и’ припаднаа нашите најзападни македонски краишта? За разлика од нив, веројатно си мисли Дачиќ, поради разни историски околности, Србија по распаѓањето на СФРЈ си остана со кратки ракави во однос на Букурешкиот договор од август 1913, па ако сега, сто години подоцна, повторно се нуди голема можност со политичкото меѓународно лудило на Зоран Заев и на неговата предавничка клика, и се прави нов балкански есап, ајде малку да го вратиме филмот и да си го земеме она што еднаш веќе успеавме да го освоиме во немилосрдна ограбувачка војна, па го изгубивме.

Ако Дачиќ верува дека такво нешто е возможно, тогаш е навистина сосема луд како и Милошевиќ, а ако пак не верува – зошто воопшто „мрси мадиња”, како што би рекол нашиот обичен човек? Или, како што би рекол обичниот српски човек, господине Дачиќ, „то јуне неће да вас муне”!

Прво, меѓународните прилики не се ни оддалеку исти, па дури ни слични на оние од предвечерјето на Балканските војни кога Србија, Грција и Бугарија (и Црна Гора) имаа премолчена согласност и недвосмислена поддршка и поттик од европските големи сили еднаш засекогаш да го избркаат Отоманското Царство од овој дел на Балканот.

Второ, прашањето на евентуално воено решение на „македонското прашање” денес воопшто не е и веќе никогаш нема да биде како во 1912 и 1913 година само прашање на овие неколку насрчени земјички околу Македонија, испијанети од освојувачки и сите можни други политички амбиции и илузии во таа смисла. Зашто, пред се’ сега е тука и Европската заедница која има свои јасни сметки и свои агенди, а тоа е разнебитувањето на Република Македонија да си се одвива по најподмолен, мирен, дипломатски пат, т.е. по пат на своевидно парламентарно национално самоубиство, што практично глатко го спроведува квислиншката влада на Зоран Заев. Но освен ЕУ, денес се тука и крајно заинтересираните и длабоко инволвирани големи сили, САД и Русија, па секако и Турција.

Трето, на кој начин во услови на некакво исхистеризирано воено решение денес Србија би се дограбила до некогашната „Вардарска бановина”, а истовремено да се намират и болните освојувачки амбиции на Бугарија, која не претендира само на територијата на цела Република Македонија, туку и на делови од денешна Република Албанија во кои живеат Македонци – Мала Преспа, Голо Брдо и Гора (делот во Албанија, па и пошироко, на Косово).

И што да речеме по однос на тие и такви планови на освојувачките партнери-конкуренти Србија и Бугарија кога Албанија во исто време си ја тера својата грабежлива агенда со Тиранската платформа и со идејата за Голема Албанија, со измислицата Илирида и со планови за грабеж на голем дел од Србија, дури до Ниш.

На Грција, пак, која можеби и нема нови територијални претензии, иако не би било ништо чудно и таа да покаже нови амбиции кон Битола, Гевгелија, комплетните Дојранското и Преспанското езеро и некои други наши јужни краишта, прашањето на името всушност воопшто не и’ е важно од некои божемни историски причини. Тоа е чиста лага и свртување на вниманието од главниот, сосема прагматичен проблем. Во случај конечно да ја прифати и да ја признае историската вистина за најголемиот откраднат дел на Македонија и за спроведениот геноцид над македонскиот народ, што нема никогаш да се случи а што инаку му е добро познато на целиот освестен свет, Грција според меѓународното право би морала да им исплати неподносливо огромни суми надомест, или да им даде некакви други прифатливи компензации пред се’ на Македонците, но и на другите етнички или социјални, идеолошки и политички групи од Егејска Македонија на кои им се одземени или уништени имотите и другите добра во текот на изминатите 100 години насилни политики, фашистички диктатури, одземање на сите човечки права и протерувања од родниот дом и од родните краишта, се’ до денес. Тоа е срцевината на проблемот што си го има Грција со нашето име Македонија, и ништо друго.

И сега, во ова најактуелно, зовриено меѓународно лудило околу Република Македонија, на кој начин воопшто би било можно до ситост да се најадат толку многу острвени хиени, залапани за истата коска без да се заколат меѓусебно?

Најпосле, но секако и апсолутно најважно, во предвечерјето на Балканските војни во перцепцијата на соседните освојувачки земји Македонија беше само некакваси периферна територија во рамките на веќе пропаднатото Отоманското Царство предвидена за одстрел, за грабеж и делење. Денес, меѓутоа, што и да си мислат и каков есап и да си прават сите заинтересирани освојувачи, многу добро знаат дека постои суверена, меѓународно признаена држава Република Македонија, која исто така има свои институции, државни апарати, устројства, војска и други средства за одбрана. И над се’ – постои македонскиот народ.

Затоа е најдобро за сите што имаат такви идиотски планови да си ги заборават старите воинствени и освојувачки амбиции и навики, зашто потенцијалното воено разрешување на гордиевиот јазол околу Македонија води само низ црн, најцрн балкански пекол, многу поголем одошто воопшто може да се замисли.

Во таа смисла „дипломатската” изјава на Ивица Дачиќ во Атина е буквално само недипломатско „мрсење мадиња”, а за оној притоа  искашлан додаток дека Србија „за разлика од некои други народи, нема територијални претензии кон делови на Грција”, веројатно со алузија дека Република Македонија пак има такви божемни претензии, не е ултрасмешна само поради неизмерната длабочина на апсурдноста и бесмислата на антитезата што ја содржи, бидејќи токму Грција ни го ограби и ни го одзеде најголемиот дел од етничката територија на Македонија, туку поради тоа што сите знаеме дека на алчната српска лисица егејскиот грозд не и’ се јаде затоа што е многу кисел. Имено, најголемиот и најболен неостварен освојувачки и воинствен сон на Србија отсекогаш и’ беше и и’ остана нејзин широк излез на Егејско море со најголемиот беломорски град Солун, за што сведочи мачната и крвава историја на Балканските и Првата светска војна во која Србија правеше се’ за да ја досегне таа со светлосни години далечна цел, но во освојувачка смисла не успеа да дотурка подалеку од Лерин што времено си го сметаше за српски град.

Ете, толку од балканското политичко и дипломатско буниште за трајното и непоматено пријателство меѓу Србија и Грција според министерскиот локум-муабет на Ивица Дачиќ со колегата Коѕиас..

(Илустративните прилози се од документарната збирка на Алдо Климан).

Top