недела, 23 јули 2017 | Вести денес: 35 ново

Почина македонската фолк легенда Кенан Таировски

„Едита“, „Фикрија“, „Дано Данице, преспанска убавице“, „Жане жанина“, „Преспо моја“, се само дел од богатиот музички опус на Кенан Таировски, кој повеќе од 47 години успешно опстојуваше на југословенската и македонска музичка сцена.

КЕНАН ТАИРОВСКИ (1945 – 2017)

Кенан Таировски е роден во 1945 година во Царев Двор, каде и завршува основно образование. На почетокот на шеесеттите години заминал за Белград, кај својот постар брат Нихат. На предлог на тогашниот Наставнички совет на Основното училиште „Браќа Миладиновци“ во Царев Двор, Кенан Таировски своето образование го продолжува во средното музичко училиште во Белград, каде неговиот музички талент и убавиот глас, набргу биле забележани од тогашните продуцентски куќи и композиторите.

Будимир Јовановиќ Буцо ќе биде текстописец на песната „Свири ми стари циго“, што всушност е и прва снимена сингл-плоча на Кенан Таировски во 1968 година. A, како најпознати и високо-тиражни продадени плочи ќе бидат песните „Фикрија“ и „Едита“, чиј автор е самиот Таировски.

Во тоа време, Кенан Таировски станува ексклузивец на дискографската куќа „Југотон“ од Загреб, за која ќе сними 3 лонг-плејки и 14 сингл-плочи. Одржал голем број концерти на коишто другарувал и пеел со Мирослав Илиќ, Вера Матовиќ, Нада Топчагиќ итн…

Во Македонија, Кенан Таировски издаде 35 ЦД-а, а посебно се наметнува со песните „Дано Данице, преспанска убавице“, „Жане жанина“, „Играј чочек битилчанко“, „Преспо моја“, „Царе мори“… Текстовите на овие и многу други песни се напишани од неговиот искрен пријател и долгогодишен соработник, доајенот на преспанското новинарство Ѓорги Ѓоргиевски.

Од останатите песни, треба да се издвои песната за трагично загинатиот претседател Борис Трајковски, за којашто текстот го напишал самиот Кенан, како и онаа посветена на Тоше Проевски „Ти ангелу славен“, на текст на Ѓорги Ѓоргиевски.

Во својата богата музичка кариера Кенан Таировски реализирал и повеќе турнеи во прекуокеанските земји. 15 турнеи остварил во Австралија, 5 во САД и безброј турнеи низ Европа. При секоја нова турнеа во Австралија, нашите иселеници го пречекувале со црвено знаме на кое пишувало “Кралот Кени“. Македонците таму, душа давале за „Дано Данице, преспанска убавице“, „Сам со чашата“, „Царе, мори“ и другите негови песни. Особено популарна во Австралија била неговата песна „Жане жанина“, којашто во 1994 година го добила престижното признание за најслушана песна на новиот континент.

Богатата, 47-годишна музичка кариера на Кенан Таировски ќе биде одбележана со голем музички концерт, насловен „Преспа за Кенан“, кој се одржа на 5 август 2015, во Спортската сала во Ресен, а на кој настапија познатите музички имиња: Таше Каранфиловски, Благоче Стојановски Туше, Елена Велеска, Групата „Персиди“, Оливер Христовски, Сашко Завевски, Бади Беќир, Петар Нечовски, Атина Апостолова, Круме Спасовски, Горан Алачки, како и културно-уметничките друштва „Таше Милошевски“ и „Кардешлик“ од Ресен.

Кенан Таировски Кени, кој по потекло е од Преспа поточно од селото Царев Двор, беше еден од најпопуларните фолк пеачи кој најголема слава ја имаше во седумдесеттите години во поранешна Југославија…

Кога е неговиот музички опус во прашање, треба да се нагласи, дека Кенан вкупно издал околу 50 носачи на звук, кои се продале во тираж од 4.000.000 копии и има издадено 35 албуми. Во една пригода, запрашан, што ќе беше ако од тие 4.000.000 добиеше по едно евро, Кенан ќе рече: „Пола Царев Двор ќе беше мое и ќе имав две згради во центарот на Белград.“

Од тој аспект погледнато, многумина се прашуваат, што ќе беше со Кенан, ако тој знаеше малку подобро да менаџира со парите. Но, ако беше таков, а не ваков каков што беше, тој немаше да биде Кенан. Во врска со ова последново, повторно во истото интервју, Кенан со блага воздишка ќе прошепоти: „Се’ што имав потрошив на кафеани, дружење и на жените што ги сакав. Пари не останаа. И не жалам! Човек за сé треба искрено да го слуша своето срце, а моето токму така пееше. Пак да се родам, пак така ќе живеам!“

Што да се додаде на ова, освен да ја повтори старата мудрост, дека човек единствено за своите грешки, никогаш не се каел. Ете затоа, животот пишувал романи.

Во последните години од својот живот Кенан остана да живее во Царев Двор, без никакви примања, без скршен денар и на работ на егзистенцијата. Напуштен, со нарушено здравје, видно разочаран од голем број луѓе кои добро заработиле на неговата слава, а сега не нашле за згодно ни да го прашаат дали му е нешто потребно. Пензија не земаше, вели по вина на Југотон, кадешто на времето си плаќал регуларно, ама тоа никаде не било заведено.

Светскиот Македонски Конгре покрена иницијатива до Министерството за култура за доделување национална пензија, меѓутоа душата го напушти, Кенан денес не е меѓу живите, меѓу живите е неговата песна и спомените.

Top