среда, 15 август 2018 | Вести денес: 58 ново

Последни подготвки за најголемата забава во Македонија – Пиво фест 2017

Во Прилеп полека финишираат и последните подготовки околу најголемата забава во Македонија и поширокиот регион, 15-тото издание на Пиво фестивалот. Денеска се одржа и последниот координативен состанок на сите институции кои се вклучени во организација на Пиво фест. Утре започнува местењето на штандовите во центарот на градот.

-Ова е последен кординативен состанок на институциите кои се вклучени во организација на Пиво фест. Од утре ќе започне поставувањето на штандовите. Булеварот „Гоце Делчев“ ќе биде затворен во наредните 6 дена. Имаме изработено сообраќаен план во кои насоки ќе се движи сообраќајот овие денови се со цел да нема застој. Паркинг местата се добро познати од паркинг службата, која што ќе биде дежурна во текот на овие 4 фестивалски денови. Службите се подготвени во полн состав и очекуваме голем број гости за Фестивалот- истакна Талија Петреска, Центар за граѓанска иницијатива, организатори на Пиво фест.

-Овие институции кои денеска се присутни на состанокот секоја година се наш редовен партнер и помагаат околу организацијата на Пиво фест. Се надевам дека ќе не послужат и временските услови. Станува збор за еден од најмасовните фестивали на Балканот, а ние секогаш сме се покажувале како добри домаќини. Се надевам дека така ќе биде и оваа година. Мојата молба до граѓаните на Прилеп е да се воздржуваат овие 4 дена од користење на моторни возила. Повеќе да отстапиме место за сите оние традиционални гости кои ни доаѓаат тука и кои ќе ги има во доста голем број. Пиво фест отсекогаш е посочуван како пример во организација на фестивалите, така ќе биде и во иднина- изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.

Како и секоја година организаторите ветуваат голем број на изненадувања и новитети, а едни од главните атракции се секако пивскиот воз и пивскиот велосипед. Посетителите конзумирајќи пиво и возејќи се со нив ќе можат да го разгледуваат Прилеп.

-Денеска започнуваат со работа и пивскиот воз и пивскиот велосипед. Позитивната енергија се чувствува насекаде во воздухот. Сите ние со нетрпеливост го очекуваме овој фестивал, а еуфоријата е веќе започната. Градот е преполн има многу гости и туристи, оние кои немаат престој им препорачувам да го направат тоа час поскоро, а исто така гостите може да си понесат и шатор и да бидат дел од кампингот на Паркот на револуцијата- додаде Ристески.

Денеска се делеа и промотивни флаери на патарините на автопатот Александар Македонски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top