среда, 22 ноември 2017 | Вести денес: 34 ново

Се комплетира булеварското поврзување на Кисела Вода, Аеродром и Гази Баба, ќе се гради нов кружен тек

Градоначалниците на Град Скопје и општина Кисела Вода, Коце Трајановски и Билјана Беличанец Алексиќ, денеска извршија увид во градежните работи на пробивањето на булеварот Србија до улицата Христо Татарчев и изградбата на нов кружен тек.

Со овој проект се врши проширување и реконструкција на булеварот Србија од кружниот тек кај Цементарницата до улицата Христо Татарчев, а на крајот од овој булевар ќе се изгради нов кружен тек меѓу булеварот Србија, улицата Христо Татарчев и поголем број на улици и краци.

– Ова е втора фаза на проширување на булеварот Србија која што се одвива овие 8 години, а претходно овој булевар се прошири од крстосницата со бул. Јане Сандански и Видое Смилевски Бато во Аеродром до кружниот тек кај Цементарницата. Сега, во оваа втора фаза, булеварот Србија се проширува на потег со должина од 868 метри, каде што ќе се добијат 4 сообраќајни ленти. Со ова, конечно булеварот Србија ќе биде завршен и изграден во целата негова должина. Покрај проширувањето на коловозот и новиот кружен тек, со градежните работи се врши и реконструкција на повеќе улици кои влегуваат во новиот кружен тек, се градат пешачки и велосипедски патеки, се поставува ново улично осветлување, а во тек е изградбата на целосно нова атмосферска канализација. На терен се работи интензивно и изградбата се одвива според предвидената динамика и сите работи ќе завршат во предвидениот рок, истакна градоначалникот Коце Трајановски.

Со реализацијата на овој капитален инфраструктурен проект, значително ќе се подобри одвивањето на сообраќајот на жителите коишто гравитираат во овој дел од Скопје и околните општини, а воедно ќе се комплетира и булеварското поврзување на општините Кисела Вода, Аеродром и Гази Баба, што е од исклучителна важност.

Градот Скопје во овој капитален проект ќе вложи 98 милиони денари.

Top