недела, 23 јули 2017 | Вести денес: 35 ново

ВМРО-ДПМНЕ: Криењето на договорот со Бугарија отвора сомнежи

ВМРО-ДПМНЕ смета дека необјавувањето на договорот што Владата го постигнала со Бугарија и треба да го потпише за неколку недели, отвора сомнеж дека премиерот Зоран Заев ги распродава македонските национални и државни интереси.

– Додека Заев ја држи македонската граѓанска и научна јавност во мрак не кажувајќи што договорил во Бугарија, одбивајќи да ги информира и пратениците во Собранието за содржината на договорот, бугарската влада уште на 5 јули договорот го доставила во тамошното Собрание, со цел пратениците да можат да дадат оценка. Нетранспаретноста на Заев во целиот процес на преговори и неговото молчење во однос на навредите кон Македонија упатени од страна на Божидар Димитров, директор на Бугарскиот Национален Историски Институт, дека исполнувањето на договорот ќе значи крај за македонизмот и дека македонскиот јазик е бугарски дијалект отвора сомнеж дека Заев ги распродава македонските национални и државни интереси, се вели во денешното соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму додаваат и дека иако тој ветувал дебати и јавни расправи по сите поважни прашања, тоа не е случај.

– Скандалозно е МАНУ како највисока стручна и научна институција во државата да нема никакви информации што содржи договорот со Бугарија, кој Заев го преговараше во Софија. Неприфатливо е МАНУ да молчи во однос на нетранспарентноста на Владата. Претседателот на МАНУ, Таки Фити иако се сретна со Заев, не побарал од него увид во договорот кој е од особено значење за државата, се додава во соопштението.

Од партијата истакнуваат дека Фити треба да го надмине стравот од Заев и да покаже минимум кредибилитет, бидејќи, како што велат, ја води институцијата со најголем научен потенцијал во Македонија.

Top