петок, 21 јули 2017 | Вести денес: 86 ново

За еден месец ја задолжија државата за 60 милиони евра

Новата власт има замислено проекти кои треба да се реализираат и за кои се потребни пари, а тие пари нема од каде да се обезбедат освен со нови задолжувања. Најавено е издавање и на еврообврзница, но сѐ уште не се знае во колкав износ и со колкава камата. Сепак, повеќе пати е нагласено дека ќе се оди на домашно задолжување заради високата ликвидност на банкарскиот сектор

По доаѓањето на власт ќе престане домашното задолжување. Вака барем ветуваа социјалдемократите пред изборите. Но, тоа остана само ветување. Задолжувањата продолжија, а последното беше направено во вторникот на 4 јули. Во таа пригода државата се задолжи со 27 милиони евра, речиси 3 милиони евра повеќе од планираното. Министерството за финансии на аукцијата на државни хартии од вредност издаде шестмесечни државни и 12 месечни записи и обврзница со рок на доспевање од 15 години. По основ на доспеани долгови, на 5 јули на кредиторите им беа вратени 7,8 милиони евра. Од Министерството соопштија дека задолжувањето на домашниот пазар се прави за да се обезбедат средства за покривање на дефицитот по најниска каматна стапка. Сепак, за што ќе се користат парите освен за враќање на доспеаните обврски, никој не кажува. На ова задолжување реагираа од ВМРО-ДПМНЕ, кои велат дека владата се задолжува повеќе отколку што е потребно за раздолжување и јавно прашуваат на што ќе бидат потрошени останатите пари од задолжувањето. ВМРО-ДПМНЕ обвини дека СДСМ го зголемува државниот долг за 20 милиони евра.

– Министерот Тевдовски побрза да се правда, но дилемата останува зошто СДС одлучи да повлече цели 3 милиони евра повеќе од тоа што беше објавено во проспектот. Со последната аукција, за само еден месец, владата предводена од СДС ја задолжи државата со над 60 милиони евра по основ на издавање на државни хартии од вредност – изјави Лилјана Кузмановска од ВМРО-ДПМНЕ.

Од овие 60 милиони евра, според неа, граѓаните досега ништо не виделе, не е покачена ниту минималната ниту просечната плата.

Експертите прогнозираат дека задолжувањата ќе продолжат бидејќи тоа е нормален начин за сервисирање на обврските.

– Министерството за финансии објаснува дека во најголем дел се задолжува за да се раздолжи. Ние не можеме да знаеме дали новите задолжувања значат и ново зголемување на јавниот долг, но наскоро ќе има податоци за висината на јавниот долг, по што може да се дознае дали владата се задолжува да се раздолжи или и за други цели. Инаку, задолжувањето ќе продолжи. И за раздолжување, но има и скромни најави за финансирање на нови проекти, за кои средствата треба да се обезбедат со задолжување бидејќи тоа е најевтин начин за финансирање – вели професорот Томе Неновски.

Тој овој заклучок го извел од изјави на претставници на власта.

– Потпретседател на владата најави дека тие имаат замислено проекти кои треба да се реализираат и за кои се потребни пари, а тие пари нема од каде да се обезбедат освен со нови задолжувања. Најавено е издавање и на еврообврзница, но сѐ уште не се знае во колкав износ и со колкава камата. Сепак, повеќе пати е нагласено дека ќе се оди на домашно задолжување заради високата ликвидност на банкарскиот сектор – објаснува Неновски, кој порача да се внимава со задолжувањето на надворешниот пазар, поради висината на каматната стапка.

– Мислам дека може да се најде модел за девизно задолжување во земјата. Тоа би било побезболно финансирање на буџетскиот дефицит и помало загрозување на девизните резерви – нагласува Неновски.

Поранешниот министер за финансии Кирил Миноски смета дека за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ непотребно се давала политичка конотација на задолжувањето, кое е нормална процедура во функционирањето на секоја власт.

– Сметам дека непотребно се даваше политичка конотација на една редовна активност на Министерството за финансии, како што е издавање на домашни хартии од вредност. Сосема е нормално во согласност со објавениот календар и максимално одобрениот износ за задолжување на домашниот пазар да се спроведуваат аукции на хартии од вредност. Исто така, во зависност од понудата и побарувачката и постигнатата цена Министерството може да ја користи поволната состојба со ликвидноста на домашниот пазар и на тој начин да управува со јавниот долг на Република Македонија преку намалување на просечната каматна стапка на долгот и на неговата рочност. За жал, кога ние го правевме тоа, бевме непринципиелно критикувани од страна на тогашната опозиција – вели Миноски.

Кога се зборува за задолжување, треба да се истакне дека покрај задолжувањето на домашниот пазар постои и задолжување на надворешниот пазар и тоа најчесто се прави преку издавање на еврообврзници.

– Издавањето на еврообврзниците се базира на лимитите што ги определуваат законите за јавен долг и буџет и се спроведува низ строго регулирана постапка на меѓународните финансиски пазари. Еврообврзницата што ја издадовме во мое време и аукциите беа користени за финансирање на буџетскиот дефицит во 2016 и 2017 година. Впрочем, се покажа дека токму тие средства обезбедија стабилно финансирање во 2016 и 2017 година, многу значајно во услови на политичка криза. Задолжувањето и раздолжувањето континуирано се спроведуваат во која било држава. Клучното прашање е за што се задолжува една држава, покрај за редовни активности преку задолжувањето ние настојувавме да обезбедиме и средства за имплементација на капиталните инвестиции во инфраструктурата кои имаат позитивен ефект на растот на БДП и имаат долгорочно позитивен ефект врз економијата. Од почетокот на 2017 година во соработка со Светската банка и ММФ започнавме со спроведување на проект за јакнење на капацитетите на МФ за управување со јавниот долг, а исто така инициравме и воспоставување на фискални правила, што јасно ја покажа нашата ориентацијата за одговорно и транспарентно управување со јавниот долг. За жал, постоеше прекумерна политизација на ова прашање, се објавуваше и календар на долгот, но денеска не го гледаме. На истиот календар, доколку се погледне, ќе видиме дека македонскиот долг по глава на жител е еден од најниските во светот – објаснува Миноски.

Тој ги отфрла инсинуациите дека Македонија е високозадолжена држава.

– Македонија спаѓа во редот на умеренозадолжени држави со јавен долг кој на крајот на април 2017 година изнесуваше 45,9 отсто од БДП. На Балканот ние сме најниско задолжена држава по Бугарија, која во 1997 година го воведе Валутниот борд. По ниту еден параметар Македонија не е високозадолжена земја – заклучува поранешниот министер за финансии.

Top