среда, 20 септември 2017 | Вести денес: 107 ново

Владата на Заев тежи над 38 милиони евра

Челникот без куќа, заменикот со 28 милиони евра под перница, главниот на здравство има само „волво“, а првиот човек на внатрешни ужива во уметнички слики вредни 4000 евра

Владата на Зоран Заев тежи повеќе од 38 милиони евра, покажуваат податоците од анкетните листови објавени од Државната комисија за спречување корупција. Речиси три четвртини од пријавениот имот на министрите му припаѓаат на вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, а симптоматично е тоа што Заев пријавил имот од само 70.000 евра. Иако во јавноста во минатото беа објавени информации дека кланот Заеви во времето на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ преку дваесетина фирми свртеле над 200 милиони евра, тој се правдаше дека нема ништо со имотот на неговото богато семејство, чијшто капитал самиот во 2013 година го процени на 6-7 милиони евра, и уште 5-6 милиони евра во кредити.

Оттука останува отворено прашањето дали Заев го пријавил целиот капитал со кој располага или внимателно одбрал што ќе ѝ покаже на јавноста за да се претстави како човек од „средната класа“. Во јавноста на големо се зборува дека и останатите членови на владиниот кабинет не биле до крај искрени, но дури и од јавно приложеното може да се види дека голем дел од нив во услови на „режим“ успеале да „натоварат“ милиони евра капитал. Оние кои се жалеа на сиромаштија, всушност, се далеку побогати од тоа што го прикажуваат пред граѓаните.

Од официјалните документи може да се види дека во владата има тројца милионери…

Најбогат во владата е вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев. Имотот кој тој го навел во имотниот лист тежи помеѓу 27 и 28 милиони евра. Анѓушев поседува една куќа и дури пет стана од кои четири во Скопје, а има и куќа од 214 квадратни метри на Халкидики, Грција како и стан во Белград. Тој како дополнителни недвижнини пријавил и деловни простори во Скопје со вкупна површина од над 300 квадратни метри, златен накит од 6 милиони денари и моторен чамец од марката „регал“.

Во неговиот возен парк има луксузни автомобили како „порше каен“, „масерати„ и „мини кантримен“, со кои може да се пофали. Пријавил и четири рачни часовници вредни 2,5 милиони денари, и тоа од марките „ролекс“, „омега“, „картие“ и „ланжин“, како и 20 уметнички слики и скулптури од македонски автори, чијашто вредност е проценета на 109 илјади евра. Неговите депозити на банкарските сметки тежат илјадници евра.

Неговиот удел во групацијата „Фероинвест“, каде што е содружник со 80% од акциите, има најголема вредност во анкетниот лист и изнесува над 21 милион евра.

(кликни на сликата за детален приказ)

 

Со голем имот располагаат и министерката за одбрана Радмила Шекеринска, министерот за надворешни работи Никола Димитров, и Зоран Шапуриќ, министер без ресор, задолжен за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија.

Радмила Шекеринска пријавила личен имот вреден речиси 100 илјади евра, во што е вклучен стан од 50 квадрати, залог и пари на сметки. Дополнително на име на својот сопруг Шекеринска пријавила уште два стана во Скопје и еден во Охрид. Едниот во Скопје е во вредност од 13,2 милиони денари со површина од 163 квадратни метри, додека другиот е од 61 квадратен метар, но нема податок колку вреди. Нема податок ни колку вреди станот во Охрид. Од издавање на стан Шекеринска месечно добива 12 илјади денари, а пријавила и повеќе сметки во различни банки.

(кликни на сликата за детален приказ)

 

Министерот за надворешни работи Никола Димитров на свое име пријавил стан во Скопје од 102 квадрати метри, вреден 5.500.000,00 денари или околу 90 илјади евра, на име на деца пријавил стан, исто така, во Скопје од 59 квадратни метри, вреден 2.500.000 денари или околу 41.000 евра и заеднички стан во Хаг, вреден 19.432.350 денари или 316.000 евра. Поседува „мерцедес Б180“ вреден 800 илјади денари или 13 илјади евра. Од кирија месечно заработува 30,8 илјади денари. Чува средства во банка, а има и кредит од 17,2 милиони денари или 281.000 евра, кој ќе го отплаќа до 2044 година.

(кликни на сликата за детален приказ)

 

Зоран Шапуриќ, еден од министрите без ресор, во својот анкетен лист пријавил три стана, од кои два се водат како личен имот, додека третиот е заеднички. Тој поседува стан од 80 квадратни метри во Скопје, со вредност од 2.850.000,00 денари или 46.300 евра, заедничкиот стан од 35 квадратни метри се наоѓа во Скопје и вреди 18 илјади евра, додека станот кој, исто така, е на негово име, но е речиси двојно помал од претходниот, со 45 квадратни метри, вреди 1.950.000 денари или 31.700 евра. Како личен имот има пријавено акции со вкупна вредност од 329 илјади денари или 5.350 евра. Како месечна плата има пријавено 61.000 денари. Завидна му е и листата на орочени средства во евра и долари, а како банкарски депозит во сеф има пријавено личен имот од 14.000 долари и 10.000 швајцарски франци.

(кликни на сликата за детален приказ)

 

Со најголем имот во странство располага семејството на министерот за економија Крешник Бектеши.

Новиот министер за економија Крешник Бектеши во анкетниот лист запишал дека поседува на свое име куќата во Кичево вредна 6.457.500 денари или околу 105 илјади евра, но и моторни возила „хундаи тускон“ од 1.353.000 денари или 22 илјади евра, „мерцедес бенз“ од 2.460.000 денари (40 илјади евра) и автомобил „голф“ 180.000 денари или приближно три илјади евра. Го запишал и имотот на неговите родители во Приштина, два стана во Албанија и стан во Базел, во Швајцарија.

(кликни на сликата за детален приказ)

 

Првиот човек на здравството Арбен Таравари на свое име поседува само автомобил марка „волво“, вреден три милиони денари или 49.000 евра и денарски депозити. На име на брачниот другар пријавил два стана во Скопје, едниот од 94 метри квадратни, вреден 5,7 милиони денари, другиот од 50 метри квадратни, вреден 1,9 милион денари. На име на родителите пријавил неколку деловни простори, куќа, двор, градежно земјиште во Гостивар, а за дел од овој имот не дал податок како е стекнат. Како заеднички имот пријавил златен накит вреден 1,3 милион денари и уметнички слики, вредни 245 илјади денари.

(кликни на сликата за детален приказ)

 

Според поднесениот анкетен лист Зоран Заев на свое име има само побарување за даден заем од 4.300.000,00 денари или речиси 70 илјади евра. Неговата сопруга има само орочен девизен депозит од 7 илјади евра, а децата на банкарските сметки имаат 27 илјади евра.

(кликни на сликата за детален приказ)

 

Хазби Лика (кликни на името за детален приказ), заменик-претседател на Влада на РМ за спроведување на рамковен договор, како личен имот пријавил дека поседува возило од марката „форд фиеста“, со вредност од 7000 евра. Во графата за плата Лика нема ништо наведено, додека за сопругата пријавил дека месечно добива плата од 30 илјади денари. На свое име има подигнато кредит во вредност од 54 илјади евра, кој треба да го отплаќа до 2028 година. Куќа, деловен простор, двор се наведени како имот на родителите. Земјоделско земјиште, фирма „Лика компани“ и дуќан се наведени како имот на брат. Имот на брачен другар – градежно земјиште е пријавен во вредност од 100.000 евра, како и дуќан во Приштина, вреден 34.000 евра. „Лика компани“, според анкетниот лист, која се води како имот на брат вреди 200.000 евра, куќата на родителите во Тетово е во вредност од 150.000 евра, а деловниот простор, кој, исто така, е на нивно име, вреден е 170.000 евра.

Вицепремиерот Бујар Османи пријавил куќа и пензија на родителите, зел кредит од 3.690.000 денари или 60 илјади евра и заем од 1.660.000 денари или 27 илјади евра. Пријавил и автомобил „ауди А6“, кое го проценил на 360 илјади денари.

Со пријавен имот од близу 690 илјади евра е министерот без ресор Рамиз Мерко, кој пријавил и дополнителни приходи од кирии за стан и земјоделско земјиште, кои месечно изнесуваат 2.100 евра.

Мерко не пријавил колку пари поседува на сметките како депозити, туку само навел дека состојбата е „менлива“, а за начинот како се стекнати е наведено „стекнување на друг начин“.

Тој поседува деловен простор, куќа , шума и земјоделско земјиште во Струга, но и стан во Албанија од 106 квадратни метри вреден 2.060.250 денари или 33.500 евра. Дел од неговиот вкупно пресметан имот се побарувања кои има дадено по основ на заем и тој и неговата сопруга.

Зорица Апостолска, која исто така е министерка без ресор, како личен имот пријавила возило „форд фокус“ од 2010 година, додека нејзиниот сопруг вози „поло класик“. Како сопственик на куќата од 177 квадрати во Скопје во анкетниот лист е наведен нејзиниот сопруг, во Ресен и во Ростуше, како и на стан во главниот град, кој се простира на 96 квадратни метри.

Коалицискиот партнер на Заев Самка Ибраимовски, кој е и министер без ресор во новата влада, има имот вреден над 600.000 евра. Највредна е фабриката која ја запишал во својот анкетен лист, речиси 530 илјади евра. И тој како и новиот премиер има побарување по основ на заем од 35 илјади евра. Самка Ибраимовски во анкетниот лист запишал и стан вреден 60.000 евра од 110 квадрати во Тетово како и автомобил „ситроен Ц4“.

Министерот без ресор Роберт Поповски во имотниот лист како личен имот пријавил стан од 72 квадратни метри во вредност од 3.800.000 денари или приближно 62.000 евра, како заеднички имот пријавил куќа од 175 квадратни метри вредна 6.500.000 денари или 105 илјади евра. Пријавен е и стан на неговата сопруга од 85 квадратни метри, вреден 4.250.000 денари или околу 70 илјади евра како и уметнички слики вредни 1.200.000 денари.

Градоначалникот на Липково, министер за животна средина и екологија Садула Дураки, тежи безмалку 203 илјади евра. Како личен имот пријавил „ауди А4“, а како заеднички имот има пријавено земјоделско земјиште, куќа, двор и трактор „фергусон“ на име на неговите родители.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски има куќа во Куманово од 110 илјади евра, „пежо 307“ од 2006 година и уметнички слики вредни над 4 илјади евра. Неговите родители пак имаат своја куќа, шума, земјиште, земјоделска механизација.

Министерот за информатичко општество поседува „сеат алтеа“. Ова возило и градежно земјиште се единствениот личен имот на Дамјан Манчевски пријавен во анкетниот лист. Неговиот брачен сругар, исто така има имот, но и штедни влогови. Вкупно тежи над 25 илјади евра или приближно исто колку што должи на име кредит во некои од комерцијалните банки.

Рената Дескоска, министерката за образование, од заеднички имот поседува „мазда 6“, нејзиниот сопруг има автомобил „ланос“, а во анкетниот лист има и попис на накит, но и штедни влогови – сè заедно вкупно 19 илјади евра.

Министерот за финансии Драган Тевдовски има имот вреден 118 илјади евра. Тој поседува стан од 67 метри квадрати во Скопје и гаража од 7 метри квадратни. Вози „тојота рав 4“, а неговата сопруга во банка има 20.500 евра.

Од земјоделско земјиште, па сè до пасишта на име на родителите и до автомобил на братот, Љупчо Николовски, министер за земјоделство, пријавил имотна состојба од скоро 99 илјади евра. На свое име нема ништо.

Роберт Алаѓозовски, министер за култура, во својот анкетен лист пријавил дека има стан со сопругата во Скопје и уште еден стан на лично име, автомобил и две илјади евра на девизна сметка. Тој не дал податоци за тоа колку средства има на трансакциските сметки во две банки.

Министерот за правда, пак, Билен Саљији како личен имот пријавил само долгови, односно два кредити во вредност од приближно 25 илјади евра. Во анкетниот лист стои и дека поседува возило марка „фолсфаген венто“. Родителите поседуваат куќа во Добридол.

Имотот на министерката за труд и социјална политика Мила Царовска вреди 160 илјади евра. Нема недвижен имот на нејзино име. Заедно со родителите има долгови за кредити и кредитни картички од 51 илјада евра. Родителите поседуваат и акции, но нивната вредност не е наведена.

Министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски пријавил куќа во прилеп од 67 квадратни метри, вредна 50 илјади евра и стан во Скопје од 45 квадрати купен во 2012 година, со вредност од над 40 илјади евра. Сугаревски пријавил дека вози „сеат кордоба“, а има и градежно земјиште од над 500 квадрати.

Новиот министер без ресор Едмон Адеми има најкраток анкетен лист. Во него како личен имот тој запишал само автомобил „Рено меган“. Сопругата на Адеми има штедна книшка со 25 илјади евра.

Аднан Ќахил, исто така како министер без ресор, пријавил стан од 82 квадратни метри во Скопје, два автомобила, „форд мондео“ и „мерцедес“, како и 60.000 евра на сметка. Неговите родители имаат куќа од 384 квадрати во Скопје и деловен простор. Сопругата на Ќахил има стан од 87 квадратни метри како и десет илјади евра на сметки.

Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу на свое име пријавил само автомобил „голф 2“, чија вредност не е утврдена. За разлика од него, неговите родители возат нов „пасат“ од 8 илјади евра, во Скопје имаат куќа со површина од 300 квадратни метри, вредна 120.000 евра. Фазлиу пријавил и земјиште без локација и утврдена вредност. Сестрата на новиот министер за локална самоуправа вози „ауди А2“.

На веб-страницата на ДКСК го нема анкетниот лист на новиот генерален секретар на владата Драги Рашковски, а ги нема ниту анкетните листови на поголем дел од замениците-министри бидејќи рокот за поднесување сѐ уште трае.

Според она што може да се види на имотните листови на функционерите, полето за вредност на дел од пријавените имоти не е пополнето, иако имотот е наведен. Оттука, според прикажаното владата на Заев тежи 38 милиони евра, но фактички нејзиното богатство е многу поголемо.

Top