петок, 18 август 2017 | Вести денес: 2 ново

Политички игри со античкиот театар – Стопирањето на реконструкцијата ќе предизвика огромни штети

Античкиот театар во Скупи е најголемиот театар во Република Македонија и по финалната реконструкција би бил единствен објект од ваков вид не само во земјава туку и пошироко

Работата на реконструкцијата и конзервацијата на театарот во Скупи повторно е среде политичка битка. Алаѓозовски најави дека ќе направи темелна ревизија на проектот. Досега во Скупи целосно е завршено археолошкото истражување на гледалиштето и сценската зграда на театарот, а пронајдени се и околу 8.500 вредни артефакти.

– При ископувањата се најдени интересни и значајни наоди. Од нив би ги издвоил праисториските наоди на два гроба од железно време, потоа повеќе од 50 гробови од средновековниот период, датирани со монети, повеќе од три и пол илјади предмети што ги попишавме, кои се конзервирани и чекаат да бидат изложени пред јавноста, вели Антонио Јакимовски, раководител на истражувањата на Скупи.

Македонија нема таков голем амфитеатар на отворено како што е овој, има еден голем во Охрид, кој собира 3.000 до 3.500 гледачи, но овој во Скопје треба да биде најголем. Со изградбата на овој археолошки локалитет градот Скопје ќе добие место повеќе за посета од туристи, но и простор за одржување на културни манифестации.

Директорот на Управата за заштита на културното наследство Виктор Лилчиќ смета дека античкиот театар во Скупи е најголемиот театар во Република Македонија, и по финалната реконструкција би бил единствен објект од ваков вид не само во земјава туку и пошироко.

– На овој простор при ископувањата се откриени остатоци од најстарото живеалиште тука, гробови од архајскиот период, најстарите жители на скопскиот регион пајонските Агријани; имаме изградба на театар во вториот век од новата ера – времето на римскиот цар Адријан и тој егзистира до доцната антика – четврти, петти век веќе се урива со истекот на времето. Наодите кои се откриени досега ценам дека се вистински културен трезор, рече Лилчиќ.

Уште додека беше во опозиција, како претседател на Комисијата за култура на СДСМ, Алаѓозовски обвини дека власта го доведува во опасност археолошкиот локалитет Скупи, а со последната најава за ревизија на проектот не се знае што ќе се случува понатаму. Имено, како што нагласи самиот, тендерот е неделив и се однесува на реконструкција, конзервација и реставрација и со негово стопирање ќе се нанесе штета.

– Ако го стопираме, државата ќе има огромни штети, затоа што тендерот е неделив. Во овој момент до 30 јуни ќе се заврши само конзервацијата, а нема градежна дозвола за да се премине на следните фази, истакна Алаѓозовски во емисијата „24 отворено“.

Од Управата за заштита на културното наследство потенцираат дека при досегашните и идните активности предвидени на и околу античкиот театар, не смее да се уриваат никакви градби или елементи кои претставуваат културно наследство.

Истражувачкиот тим кој работеше е составен од врвни стручни и научни лица од областа на античките театри и за локалитетот Скупи и тоа: професори, доктори на науки, магистри, конзерватори, архитекти и археолози. Најдени се оригинални седишта „ин ситу“, коридори, влезови, скалила, оплати и слично, со што се добија доволно информации за изгледот на театарот…

– Двете седишта се зачувани благодарение на тоа што биле паднати во еден од коридорите, покриени со доста земја. Целиот тој материјал е однесен на Скопското кале, каде што се пронајдени исти такви камења. Анализите ќе покажат од кое место е носен каменот овде, рече Љубица Кондијанова, која до јули 2015 година раководеше со Музеј на Град Скопје, институција која беше надлежна за споменикот на културата Скупи.

Сето ова, сите овие богатства, не се знае кога ќе стане достапно за очите на јавноста. Традицијата и културата кои ги оставиле нашите предци на ова мало парче земја ќе пропаѓаат и ќе исчезнуваат пред нашите очи. На тој начин ја губиме и шансата преку спознавање на сопствените корени самите да се спознаеме.

Од друга страна, археолошките локалитети го привлекуваат вниманието на домашните и странските туристи. Таму на самото место може да се види и доживее дел од сочуваната историја и култура, таму се презентира движен и недвижен материјал и се држи чекор со светските новитети во истражувањата. А Скупи според сегашнава состојба уште долго нема да го врати својот сјај. Идејата беше со пуштање во употреба на театарот да се зголеми посетеноста, според примерот на Стоби, кој се оформи како самостојна институција, со археолози и конзерватори што секојдневно работат. Истото би е направило и со Скупи, да биде направен музеј на самиот локалитет, да се изложат пронајдените предмети кои ги има во огромен број, да се вработат водичи, да се наплатуваат билети и тој да функционира како самостојна институција.

Пишува: Невена Поповска
(Текст објавен во 252. број на неделникот „Република“, 30.6.2017)

Top