сабота, 18 ноември 2017 | Вести денес: 69 ново

Без признат идентитет нема решение за спорот

Деновиве повторно се потсетивме на драматичните денови на самитот на НАТО во 2008 година кога во главниот град на Романија Македонија го претрпе најголемиот дипломатски и геостратешки пораз во своето постоење. До душа, поразот на беше само наш, во истиот кош на поразени беа и американскиот претседател Џорџ Буш помладиот и целата американска надворешна политика којашто два пати најави за потоа да прифати дека Македонија покрај Албанија нема да влезе во Северноатлантската алијанса. Деновиве се потсетуваме на самитот во главниот град на Романија кога цела нација беше возбудена во очекувањата да се влезе во НАТО. Новата македонска влада стори сѐ што можеше да ги обнови надежите дека сме на чекор од Алијансата, дека само што не сме ја примиле поканата, и покрај тоа што пораките и од Атина, а помалку од Софија, кажуваат нешто друго. Дека иако регионот е релативно променет за девет години, сепак, некои работи не се менуваат за нецела деценија

 

goran-momiroski-kol-90x115

Колумнист: Горан Момироски

Точно е дека во Грција и во Бугарија сега има нови влади, точно е дека новата македонска влада со неколку интервјуа во регионалните и светските медиуми упати пораки на добра волја и подготвеност за помирување и нов начин на комуникација со двата главни кочничари меѓу соседите за влез во НАТО. Сепак, историското бреме кое функционира од крајот на 19 век не може да биде урнато со неколку пријателски пораки на помалиот и послабиот. Она што за министерот Димитров е искрено барање за искрено пријателство, за Грција е знак на слабост, знак дека немаме друга варијанта за опстанок и конечно знак дека ќе сториме сѐ за да влеземе во НАТО.

За сите нас што немаме информации што се случува зад кулисите на спорот звучи неверојатно дека Коѕијас или неговиот шеф Ципрас, кои според последните анкети имаат преголеми 19 отсто послаб рејтинг од своите конкуренти од Нова демократија, ќе се согласат да заминат во историјата како предавници.

Пораките од протестот на неонацистичката партија Златна зора од Солун за време на викендот се јасни. И Коѕијас и Ципрас ќе висат среде „Синтагма“ доколку направат и најмала отстапка од она што во 2006 година било дговорено од сите грчки парламентарни партии во консултации со кремот на националната интелигенција. Во црвени линии на грчката држава во спорот за името зацртани тогаш не може да има повлекување, затоа што не само од Златна зора туку и од релативно поумерените Нова демократија или ПАСОК, компромис според нашите позиции ќе биде третирано како национално предавство.

Се разбира, и Димитров и Заев ги знаат овие работи, како што знаат дека без логистичка помош од западните партнери на Македонија не може да мине ниту еден план. Како што се свесни и дека дури Македонија и да ја прифати најлошата можна опција во која би се променило и името и јазикот и нацијата, Грција повторно ќе има проблем да го прифати ваквото решение.

 

Грција не може да ја смени националната стратегија за кратко време

Можеби се посериозниот конфликт што го има Грција со Албанија и стравот дека еден ден „Албанска Македонија“ ќе им прави поголеми проблеми отколку „Словенска Македонија“ е потенцијална причина за промена на грчката политика. Но, за темелно менување на доктрината на Атина, според која постоењето на македонската држава е закана за нејзината безбедност и територијален интегритет како што пишува во сите воени планови за одбрана на земјата, потребно е време. Многу време. Грција не може преку ноќ да се повлече од систематската култура на обвинување на Македонија за сите нејзини неволји. Ќе требаат години да се убедат грчките граѓани, особено на северот на земјата, особено таканаречените Македонски Грци или Грчки Македонци, дека од другата страна на границата има луѓе, а не варвари, за какви што нѐ сметаат членовите на Златна зора, но и други нормални грчки граѓани како резултат на долгогодишната стигматизација на земјава.

Посебен проблем се грчките вооружени сили и полициската номенклатура којашто од анкетирањето на Егејска Македонија во 1912 година постојано функционирала на идеолошко антимакедонски основи и сега одеднаш треба да почне да работи со своите „непријатели“. Во тој контекст особено ќе биде тешка работата со грчките граѓани кои се по род Македонци, а се декларираат како Грци. За нив ќе биде најголема катарза да прифатат дека државата која ги прими како свои, сега ќе ги предаде „со признавање“ на тоа што „никогаш не постоело“. Затоа што е јасно дека доколку дојде до решение на спорот за името, ќе мора да се отворат и низа други прашања како македонското малцинство во Грција и грчкото малцинство во Македонија.

Ова се само две од малите неважни прашања до кои дури да се дојде, ќе има тежок пат за изодување. Главниот проблем во сите разговори ќе биде пакетот што ќе го содржи името. За Грција формално се преговара само за името, но под тоа за нив се подразбира дека со промена на името автоматски ќе дојде и до промена на името на нацијата и јазикот. Ова, во една пригода, во Скопје пред неколку години најотворено ми го кажа грчкиот амбасадор Лалакос, кој, како дипломат од кариера и релативно умерен човек, не веруваше дека може да дојде до решение без Македонија да ги прифати овие услови. А Лалакос не е случаен ниту неважен човек во грчката дипломатија и влада.

 

Имињата не се важни, најважни се последиците од нив

Затоа е илузорно воопшто да се разговара за какво било име, па дури тоа да биде некое од оние што ги нудеше Македонија, а кои претпоставуваа бенигна додавка од типот „демократска“ или „независна“ пред уставното име Република Македонија.

Пред воопшто да се прифатат или да се отфрлат предлозите со кои речиси и свесно пристигнува медијаторот Нимиц в недела, мора да се разговара за пакетот.

Новата влада најави дека, за разлика од старата која преговорите за името ги држеше во тајност, ќе биде транспарентна во процесот на преговори, како што беше до 2009 година кога Груевски и Иванов решија сѐ дури нема некаков конкретен и минимално прифатлив предлог јавноста да се држи далеку од спорот. Која од овие две тактики е поефикасна, ќе видиме наскоро кога ќе ги споредиме во практика, но јасно е дека колку повеќе ќе се зборува за спорот и за можно решение, толку ќе биде сѐ потешко за постигнување. Македонскиот менталитет нема да дозволи какво било име да добие вистинска шанса, особено ако се оди на решение кое ќе нема загарантиран пакет во кој ние ќе го задржиме сопствениот идентитет во согласност со меѓународната практика и легислатива.

Затоа и „северна“, и „горна“, и „словенска“ и „вардарска“ се тотално неважни во целиот проблем. Без грчкото прифаќање на македонскиот ентитет како посебен во ОН и во Советот на Европа не можеме да почнеме да разговараме, а не пак да најдеме решение.

 

Референдум

Една од опциите на која смета новата влада веројатно е референдумот и математиката која оди со него. Според анализите што ги прават сите партии, во моментов има реална можност референдум на кој би било само името со гаранции дека со потпис на договорот со Грција, би влегле во НАТО истиот ден и би започнале преговори со ЕУ, да биде прифатен од македонските граѓани. Математиката е проста, 300 илјади членови на СДСМ, 250 илјади Албанци плус уште стотина илјади Роми, Турци, Бошњаци, Срби и останати на кои името Македонија им значи многу помалку одошто на Македонците по род се гаранција дека референдумот ќе мине, под услов ВМРО-ДПМНЕ да не го бојкотира. Иако за опозицијата е подобро да не бојкотира и да остави СДСМ да го реши името, по што речиси сигурно на првите наредни избори ќе дојде на власт, сепак јасно е дека најголемата македонска партија добро ќе размисли пред да учествува во евентуална промена на името, што ќе го стори ако не го бојкотира евентуалниот референдум.

 

Среден пат или среден прст

Сѐ на сѐ, сложени времиња во кои сите ќе имаат одговорност да го најдат средниот пат кој ќе биде добар и за нас како нација и за Грците како фрустрирани комшии, кои за да дадат нешто, мора нешто и да добијат за возврат. Ако македонската политичка елита не најде начин да го пронајде средниот пат, извесно е дека на наредните избори ќе го добие средниот прст од своите гласачи, кои се свесни за комплексноста на проблемот и подготвени се да проголтаат кнедли, но само ако за тоа добијат гаранции за опстанок на нацијата. Само влезот во НАТО тоа сигурно не е.

(Текст објавен во 252. број на неделникот Република, 30.6.2017)

Top