среда, 21 февруари 2018 | Вести денес: 0 ново

Нов сообраќаен режим пред зградата на скопскиот аеродром

ТАВ Македонија од понеделник воведува нов сообраќаен режим пред терминалната зграда. Бесплатното користење на улицата пред „Александар Велики“ ќе биде ограничено на 10 минути. Тоа ќе значи дека патниците ќе можат да бидат оставани за заминувања и преземани по пристигнувањата најмногу за 10 минути без надокнада. Доколку возилата се задржат подолго од тоа, корисниците ќе треба да платат тарифи што ќе се движат од 500 до 2.000 денари.

– ТАВ Македонија напоменува дека улицата пред терминалната зграда на Скопскиот аеродром не е простор наменет за паркирање, туку само за оставање и за собирање на патниците од нивните летови. Компанијата нагласува дека за паркирање треба исклучиво да се користи паркинг-зоната. За подобро информирање на патниците, поставени се знаци со детали за новите правила на движење, соопшти денеска ТАВ Македонија.

Оттаму информираат дека направени се и дополнителни промени за користење на паркингот на аеродромот, односно цените за подолгорочно паркирање се намалени. До 1 час паркирање ќе чини 80 денари, до 2 часа – 100 ден, од 2 до 4 часа – 150 ден., од 4 до 8 ч – 200 ден. и до 24 часа – 600 ден. Паркирањето од 3 до 7 дена ќе чини 1.800 денари, додека од 8 до 14 дена ќе чини 2.500 денари.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top