петок, 24 ноември 2017 | Вести денес: 4 ново

Ќе биде ли Ченто дел од заедничката историја? (ЕКСКЛУЗИВНИ ФОТОГРАФИИ)

 

nenad-mircevski-kol-120

Ненад Мирчевски

Десет дена по најавата на Зоран Заев дека договорил „историски договор за добрососедство“ со бугарскиот премиер Бојко Борисов, јавноста сѐ уште бара да дознае што содржи тој документ и дали во него се вметнати спорните точки кои ги загрозуваат македонскиот јазик, историја и македонското малцинство во Бугарија. Од Заев само чувме обвинувања кон сопствената држава дека ширела национализам и најави менување на историјата која ќе била заедничка во духот на добрососедството, без да каже кој ќе одлучи што ќе се брише. Во исто време, бугарските националисти еуфорично слават дека договорот ќе значи конечен крај на македонизмот, а цар Самоил, Кирил и Методиј, Григор Прличев и останати личности од македонската историја секојдневно се прогласуваат за Бугари во разно-разни дебати на кои гостуваат. Од деталите од договорот познато е само дека потпишувањето ќе се случи на еден од најголемите национални празници на Македонија – Илинден, кој според истиот договор треба да биде сместен во некоја нова заедничка историја. За оваа заедничка прослава, исто така, не се кажува дали ќе биде на рамноправна основа, односно дали при тоа ќе биде признаен македонскиот идентитет.

Македонските историчари предупредуваат дека во бугарската историографија спорни теми од нашата историја им се средновековието, Самоиловата држава, Илинденското востание. Но, можеби најгорлив ќе биде периодот на Втората светска војна, односно бугарската окупација на Македонија кога се извршени голем број насилствата врз македонското население.

Една од жртвите на бугарската окупаторска власт е и првиот претседател на Македонија, Методија Андонов Ченто. Големиот борец за Македонија во 1941 и 1942 година неколку пати е апсен и задржуван во затворите во Прилеп и Битола, од страна на бугарската власт, затоа што повикува на борба против фашизмот. Во историските записи е запишана неговата изјава: „За да се спечали слободата има само еден пат: борба! која може да има само една форма: општо оружано народно востание!“

„Република“ дојде до ексклузивни фотографии снимени во бугарскиот логор Чучулигово во близина на Петрич, каде што Ченто бил интерниран во 1943 година. Со оглед на најавата на Заев дека со договорот за добрососедство „Македонија затвора едно поглавје на национализам и отвора друго на европската иднина“, во оваа прилика јавно го прашувам Заев, каде ќе биде местото на Методија Андонов Ченто во таа нова заедничка историја? Како ќе биде запишано делото на овој македонски херој и дали во новите учебници по историја ќе бидат опишани неговите голготи во бугарските логори? Дали Заев е подготвен за „европската иднина“ да се откаже од аманетот кој ни го остави Ченто сплотени под знамето на независна Македонија да ја вардиме слободата, независноста и демократскиот поредок?

Заев од Софија, исто така, најави дека „бугарскиот премиерот Борисов ќе ја посети Македонија и ќе се поклони пред спомениците на нашата заедничка историја“. Дали Заев во знак на добрососедските односи со Бугарија ќе го одведе Борисов и пред споменикот на Ченто?

Во македонската историја е запишано дека Ченто како борец за македонската кауза бил воден од принципите кои според него, во основа не се разликувале од принципите на Илинденското востание и Крушевската Република. Тој се борел илинденските идеали да станат наша реалност денес. Ченто со своето дело нѐ обврза сплотени да ја чуваме Македонија. На тоа нѐ обврзаа и другите наши предци кои ги положија животите за независна и слободна Македонија. На тоа нѐ обврзуваат и генерациите кои следат.

Прашањето до Заев е: Кој те обврза тебе да ги продадеш каузата и идеалите?.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текст е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторска содржина (текстови и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top