сабота, 16 декември 2017 | Вести денес: 31 ново

СДС врши дискриминација по политичка основа – законите нема да важат за оние што имаат нивна членска книшка

Ова што го гледаме од страна на пратениците на СДС е срамно и скандалозно. СДС врши класична дискриминација по политичка основа. СДС промовира политика според која законите нема да важат за оние што имаат членска книшка на СДС, а ќе важат за сите останати, изјави денеска на прес-конференција Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ.

Доколку сторат било каков прекршок сите граѓани ќе мора да плаќаат казна, а пратениците на СДС им гарантираат неказнивост на оние кои ја имаат нивна членска книшка. Ваквото однесување на СДС е невидено во ниту една демократска земја. Не смее да се дозволи да се реализира политиката што ја промовираат пратениците на СДС ниту во болниците, ниту во социјалните установи.

Не смее едни пациенти да се игнорираат само заради тоа што немаат членска книшка, а други да бидат привилегирани заради нивната партиска припадност. Колку и да се обидува СДС и нивните медиуми да го игнорираат скандалозниот настап на нивниот пратеник, ваквото однесување мора да се осуди и санкционира.

Незамисливо е во Германија, пратеник на ЦДУ да излезе и јавно да промовира политика според која што секој што ќе извади членска книшка на партијата ќе има предност во болниците, ќе може да управува нерегистрирани возила или нема да плаќа казни за сообраќајни прекршоци.

Таквата политика води кон безредие и тој политичар од наредниот ден сигурно веќе нема да биде  пратеник на ЦДУ.

Заев во текот на изборите ветуваше еднаквост помеѓу граѓаните, а денес гледаме како граѓаните со членска книшка ќе стануваат „подеднакви“ од оние кои немаат. Тоа е вистинскиот лик на СДС. Едно ветуваат, а друго прават. Заев ветуваше департизација и деполитизација на институциите, за сега да гледаме како неговите пратеници ветуваат противправни привилегии од секаков вид само ако поседуваат партиска книшка од СДС, што претставува партизација од најтежок вид.

ВМРО-ДПМНЕ ги повикува сите меѓународни претставници да реагираат и да ги осудат ваквите политики кои се спроведуваат од пратеници на СДС.

ВМРО-ДПМНЕ ги повикува сите професионалци во институциите да не подлегнуваат на политичките притисоци од страна на пратениците и функционерите на СДС и да не се впуштаат во кривични дела да даваат привилегии на оние кои имаат членски книшки на Бихаќка.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top