среда, 20 септември 2017 | Вести денес: 5 ново

Темната страна на работата во фабриките на Ајфон

Англиски новинар успеал да влезе во фабриката на Apple во Кина низ нејзиниот тоалет. Во својата книга „Тајната историја на iPhone“, Брајан Мерчант, забележал 14 самоубиства, 18 обиди за самоубиство на работниците кои го склопуваат најпопуларниот мобилен телефон.

Вработените работат под голем психолошки притисок бидејќи мораат да бидат брзи и точни, а работните смени траат најмалку 12 часа.

Во погонот Лонгхуа во Кина е невозможно да се влезе. Кога еден фоторепортер на „Ројтерс“ се обидел да ја фотографира фабриката од надвор, бил претепан од обезбедувањето. Тие се на секој влез во фабриката, а секој од вработените мора да помине низ скенер со посебна идентификациска картичка. Возачите на камионите кои ги доставуваат деловите мораат да остават отисоци на прстите. Секој обид да се влезе во фабриката без дозвола завршува со затворска казна.

Фабриката во Лонгхуа имала дури 450 илјади вработени, но Apple ја дисперзираше со отворање на повеќе погони низ цела Кина.

Самоубиствата го свртеа вниманието на јавноста од 2010 година. Дваесет работници биле одвратени од самоубиство од страна на своите колеги. Откако медиумите почнале да ја опседнуваат фабриката, успеале да извлечат сведоштва само од неколку работници.

Работниците раскажувале дека биле малтретирани од страна на строгите шефови. Една работничка открила дека за време на една смена склопувала и по 1.700 ајфони. Доколку шефот на смена забележал и најмала грешка кај некој работник немало веднаш да го опомене туку свикувал состанок и пред сите вработени го понижувал работникот. Тоа понижување требало да биде пример за другите.

Работниците сведочеле дека меѓу нив владее стрес, пониженост и анксиозност. Тие се сведени на роботи без физички и психички потреби. Ако некој работник се самоубие или умре, следниот ден се работи како ништо да не се случило.

Во инцидентот во 2012 година 150 работници се качиле на покривот на фабриката и се заканиле дека сите заедно ќе скокнат ако не се подобрат условите за работа. Менаџерите ги одвратиле со ветувања дека ќе имаат подобри услови, но минатата година се повторил сличен штрајк.

Во друг инцидент, седум-осум работници се заканувале дека ќе се самоубијат ако не им биде исплатена платата што доцнела. Менаџерите ги одвратиле и им ги исплатиле платите.

Top