среда, 20 септември 2017 | Вести денес: 5 ново

Романса

 

Ацо Станковски

Ацо Станковски

  • Знаеш, Ѕеко, од сите модернистички правци во уметноста кои се појавија со истoриската авангарда од Ла Манш, па до Урал, мислам дека надреализмот, иако се појави последен на сцената, дури во средината на дваесеттите години од минатиот век, сепак се покажа најдолговечен како естетски концепт, а со тоа, и најпророчки, capisci?!
  • А? – Зеко отворил уста, а очите му блесакаат со инфантилно неразбирање. Кога Федерика одела во врвни лицеуми и колеџи, тој ‘ргал на нива. Училиштето како еден вид комунистички гулаг му беше одвратно, но трпеше. Беше надарен со невообичаен инает. Никој не можеше да излезе на крај со него во фамилијата. Подоцна овој инает се претвори во волја за моќ. Политиката го извади од аграрниот пеjзаж и му даде неверојатни, па дури и историски перспективи.
  • Гледам, не си се занимавал многу со модерната уметност, Ѕеко?! Но, сепак, насетувам во тебе уметник. Кога те анализирам на физиогноматски план, ме потсетуваш на моите два најомилени ликови од детството – Мики Маус и Џејмс Дин. Еден сицилијански, калабриски или наполитански Џејмс Дин, Ѕеко, capisci?!
  • Ха, ха, ха, сѐ додека гледаш нешто вредно во мене, јас се чувствувам возвишено, Федерика.
  • Ах, Ѕеко, вистински џентлмен си, вакви романтичари денес веќе нема, дури ни на југот на Италија. Многу ми е мило што те сретнав. Оној ден, кога „чадорот“ ми организира средба во Милано, ќе го прогласам за мој личен празник – Федрика го пофати за раката како дете. Тие шетаа покрај Сена во Париз, Зеко беше екстатичен. Ја има најмоќната жена во Европа за љубовница, а и супер е во креветот. Колку повеќе се дружеа, толку Федерика повеќе му се допаѓаше. Единствено се плашеше да не се затреска во неа како млад мајмун. Што потоа? Како ќе ја склопи толку компликуваната реалност, или?
  • Тогаш беше со Еди, а? – во Зеко блесна мала молња на посесивност. Тој сакаше да владее без разлика на тоа дали се работи за пари, држава или жена. На Федерика ѝ ласкаше овој ситен анимализам кај, инаку, супервнимателниот и нежен Зеко.
  • Еј, Ѕеко, кога прееска ти говорев за надреализмот бев многу инспирирана од нас двајцата, capisci? Кој би рекол дека ќе се најдам во ваква неверојатна ситуација?! – Федерика се чудеше, но Зеко ѝ стануваше многу важен. Кон него негуваше едно многу чудно чувство, кое беше бескрајно комплексно, но истовремено силно и возбудливо. Вакво нешто не искусила во животот. Зеко беше нејзин проект, за кој таа целосно се заложи, без остаток. На моменти ја ризикуваше и својата досега брилијантна кариера, но на крајот се исплатуваше. Преку своите врски со „длабоката држава“ го повика Брус Ли, кој за една пообемна сума евра ги среди сите суштински играчи во Скопје и го издигна Зека до тронот. Така Федерика изгради заштитнички однос кон Зеко, кој во многу случаи се манифестираше како мајчински инстинкт. Од друга страна, Зеко ја привлекуваше многу силно како маж. Покрај сите тие бескрвни зелки во Брисел, Зеко беше вистинска лута феферонка. Понекогаш ѝ заличуваше на јужноамерикански професионален танчар на танго. Понекогаш, пак, на шпански матадор. Често фантазираше во своето џакузи во тајниот стан во Брисел, каде што неколку пати беа интимни со Зеко. Во нејзината имагинација Зеко беше ангелска светлина, љубов, на која не се надеваше. Неговата насмевка, детска и непосредна, ѝ даваше волја за живот во овој ужасен свет полн со најманијакални дејства, со дегенерици и фанатици од најрадикална провениенција.
  • А, Еди? – Зеко стануваше упорен. Тоа ја врати Федерика во реалноста. Неколку шатки тегнеа отфрлена кинеска апостолка, која се најде во темните води на Сена.
  • Што со Еди?! – Федерика почувствува непријатност. Одеднаш Зеко покажа чудна агресивност.
  • Па, како реагира на сето ова? Сигурно веќе дознал.
  • Еј, Ѕеко, да не се плашиш?
  • Јас да се плашам?! Па ти не знаеш кој е Зеко. Такви како Еди можат под прозор да ми плукнат.
  • Не биди сигурен, Ѕеко. Еди има краток фитиљ, но ќе те толерира додека не го испорачаш Законот за јазиците и за името.
  • Ух, ова навистина станува крајно вознемирувачко – на Зеко му се слоши, но во овој дел од кејот на Сена немаше клупи за да седне и да си дојде на себе. Кафеаните и рестораните ги избегнуваа поради приватноста на Федерика. Зеко наеднаш дехидрира, му доаѓаше да скокне во реката и да се изгуби во тие темни води.
  • Смири се, Ѕеко! Најлошото помина. Длабоката држава секој ден прска над Скопје со евтини, коњски седативи. Револуцијата е неможна. Сите се издрогирани, спијат, им се врти во глава. Немаат никаква желба за агресија. Знаеме што правиме, Ѕеко, биди смирен. Доста беше вознемирување и уплав. А и страданија – Федерика се доближи до Зеко и му ги целиваше двете лузни што му останаа на челото од тој кобен 27 април, од „Црниот четврток“.
  • Ок, Федерика. Сето ова го правам за твоја љубов.
  • Така те сакам, Ѕеко, имај доверба во нас. Ние сме зад тебе, јас и „длабоката држава“.
  • А, што е, всушност, „длабоката држава“?
  • Ах, Ѕеко, Ѕеко, ќе врне. Ај да се вратиме во хотел, да водиме љубов, а потоа за време на вечерата ќе ти раскажувам за „длабоката држава“.
Top