понеделник, 26 јуни 2017 | Вести денес: 82 ново

Наместо на плажа, децата со посебни потреби повторно ќе кампуваат пред Собрание

Иницијативата „Пет до дванаесет“ и родителите на деца со посебни потреби од денеска ќе кампуваат пред Собранието на Република Македонија од каде ќе ги повторат своите барања и ќе побараат пратениците итно да расправаат за нивните проблеми.

Сузана Стојановска од иницијативата „Пет до дванаесет“ ја повила целокупната јавност да се придружат во кампот со цел да се разгледаат барањата и потребите на овие лица.

– Тука сме да ги потврдиме нашите досегашните ставови, тука сме и ќе останеме во фокусот на јавноста да не видат луѓето спроти нас, во Собранието, и да ги постават нашите барања како приоритет. Ја повикуваме македонската јавност, ги повикуваме родителите и лицата со посебни потреби, во наредниве три дена да ни се придружат на нашите работилници, на кои ќе ги разгледаме уште еднаш барањата со цел да се дополнат, а исто така ги повикуваме и претставниците од ресорните министерства да дојдат одблиску да ги запознаат родителите, да ги слушнат нивните барања и нивните проблеми – рече Сузана Стојановска од иницијативата „Пет до дванаесет“.

Од Иницијативата најавуваат богата и интерактивна содржина. Ќе има содржини од сферата на музиката, уметноста, цртање и многу други активности. Подинамични активности се најавени во периодот од 18 до 22 часот, кога децата ќе можат да се дружат поинтензивно.

– Во наредните три дена очекуваме средба со министерката за труд и социјална политика, а ги повикуваме и Министерството за здравство и за образование да дојдат или да не повикаат како би нашле заеднички јазик. Значи брзаме, немаме време за чекање, септември е многу блиску, треба да се подготвуваме за школската година – рече Стојановска.

Советот на иницијативата како приоритетни издвоил неколку барања и тоа барањето да се избрише границата од 26 години од законите за труд и социјална политика и од законот за здравство, самохраните родители да се изедначат со згрижувачките семејства, да се формира народен правобранител за лица со посебни потреби.

Децата со посебни потреби во изминатиот период одеа на бесплатно летовање. Во неколку наврати групи деца со посебни потреби, како деца од социјално загрозените семејства заминуваа на одмор во туристичките места во земјава.

Top