вторник, 12 декември 2017 | Вести денес: 0 ново

Почнуваат преговорите за „Брегзит“

Речиси една година по референдумот во Велика Британија за излез од Европската унија, денеска Брисел и Лондон ги почнуваат преговорите за истапување на земјата од Унијата.

Дејвид Дејвис, британски државен секретар за „Брегзит“ и Мишел Барние, главен преговарач на Европската комисија се договорија за почнување на преговорите во согласност со членот 50 од Лисабонската спогодба на ЕУ на 19 јуни, соопшти минатата недела британската Влада. Тие ќе се сретнат изутринава во Брисел за да го почнат процесот на „раскинување на 44-годишниот брак“.

Според дипломатски извори, во текот на првата рунда од преговорите фокусот ќе биде на прашања поврзани за правата на граѓаните, финансиски договоери, Северна Ирска.

Британскиот секретаријат за „Брегзит“ соопшти претходно дека се очекува двете фази од преговорите да бидат усогласени, а дека најмногу ќе се разговара за прашања поврзани со самото излегување на Британија од ЕУ и нејзините финансиски обврски.

Првата фаза од преговорите ќе биде посветена на постигнување договор за три приоритети за 27 други земји од ЕУ, кои се однесуваат на судбината на европските граѓани, кои живеат во Велика Британија и на Британците што живеат во ЕУ, прашањето за ирската граница и решавањето на финансиските прашања, односно покривање од страна на Лондон на сите финансиски обврски што ги има кон Унијата.

Дваесет и седумте земји од ЕУ побараа преговорите да се фокусираат прво врз овие три клучни прашања во насока на добро организирано и мирно излегување на Велика Британија од Унијата, додека Лондон сакаше од самиот почеток да се водат паралелни преговори за идните односи со ЕУ.

Се очекува Велика Британија да ја напушпти Унијата на крајот на март 2019 година, две години откако на 29 март премиерката Тереза ​​Меј ја активира постапката за напуштање.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top