среда, 28 јуни 2017 | Вести денес: 1 ново

Македонија торпедирана од Шпанија, резултатот не ја отсликува состојбата на теренот (видео)

Македонската фудбалска репрезентација до 21 година со висок пораз (0-5) од Шпанија го започна Европското првенството во Полска.

Нашите фудбалери се покажаа во добро светло на историското деби на големите натпревари за една наша репрезентација, и резултатот за жал е превисок и не ја отсликува целата ситуација на теренот во текот на сите 90 минути.

Ѕвездите на „црвената фурија“ од редот на Асенсио, Саул, Делофеу, голманот Кепа покажаа дека имаат светла иднина и на репрезентативен и на клупски план.

Црвената фурија“ беше пресилна за македонските „херои“, но и во таков убедлив пораз тие одиграа храбро, офанзивно, создадоа неколку убави шанси, но немаа среќа да реализираат. Давид Бабунски ја погоди гредата, а голманот Кепа Аризабалага одбрани три фантастични шутеви кон неговиот гол.

На самиот почеток, Македонија прва се закани, Дарко Велковски доби еден отпадок по слободниот удар на Барди, но шутираше високо над голот. Возвратија и Шпанците, со шутот на Саул од 25 метри, но не беше прецизен. Македонија продолжи офанзивно, а во осмата минута Давид Бабунски го испроба својот удар од далечина, но за малку над голот на Кепа.

И потоа Саул Нигез покажа зошто вреди 40 милиони евра. Гаја центрираше од левата страна, а Саул со ножички го совлада Алексовски. По само две минути Македонија можеше да возврати. Ангелов имаше убава можност, шутираше од седум метри, но Кепа одбрани.

Вторпат мрежата на Македонија ја стресе Асенсио, со ефектен гол од далечина во 35 минута. Ѕвездата на Реал Мадрид налета на една одбиена топка и шутираше фантастично во небранетиот агол на Алексовски.

Шпанците го смирија темпото на игра, ја држеа топката во своите нозе, но и покрај тоа, дојдоа и до трет гол. Во 35 минута Демири блокираше со рака шут на Делофеу, по што судијата покажа на белата точка, а фудбалерот на Евертон лесно реализираше за 3-0.

На полувремето селекторот Благоја Милевски направи две замени, и во игра ги уфрли Ељиф Елмас и Никола Ѓорѓев, кои ги заменија Кире Маркоски и Виктор Ангелов.

<img src=”http://republika.mk/wp-content/uploads/2017/06/asensio-1-520×338.jpg” alt=”” width=”520″ height=”338″ class=”alignnone size-medium wp-image-790390″ />

Но, Шпанија продолжи да торпедира. Во 54.минута, Марко Асенсио со својот втор гол, шутирајќи крај Дарко Велковски, зголеми на 4-0. Среќата не беше на наша страна. Давид Бабунски само три минути подоцна со волеј-удар ја погоди гредата од голот на Шпанија.

Асенсио беше немилосрден, па во 72.минута, покажа уште една мајсторија и по третпат го совлада Алексовски, за 5-0.

Горчлив пораз на Македонија на стартот на Европското првенство, но се надеваме и дека нема да ја наруши претставата за нашите „херои“.

Top