понеделник, 11 декември 2017 | Вести денес: 112 ново

Фирмата на Анѓушев го избра новиот управител и започна преговори за промена на сопственичката структура

По заминувањето на Кочо Анѓушев во Владата на Република Македонија, неговата фирма ЕДС почна преговори за промена на сопственичката структура.

„ЕДС, водечката македонска компанија за трговија со електрична енергија го избра Митко Кржовски за свој управител и започна преговори за промена на сопственичката структура. Митко Кржовски доаѓа од висока позиција во ЕДС и е дел од компанијата од нејзиното основање“ се вели во соопштението на компанијата.

Менаџментот на ЕДС ја прифати определбата дека неговата одлука е во согласност со законските прописи. Имено, неговиот избор на функцијата Заменик претседател во Владата на Република Македонија е неспојлива со вршењето на функцијата управител на ЕДС.

Менаџментот на ЕДС информира дека во согласност со бизнис програмата и акциониот план за работа во изминатиот период од неколку месеци се водат преговори за целосна промена на сопственичката структура на ЕДС Македонија. Во преговорите, менаџментот на компанијата особено се концентрира на стабилноста и развојот на компанијата во иднина, имајќи ги предвид сите инволвирани субјекти. Процедурите за промени на сопствеништвото ќе бидат спроведени во согласност со законската регулатива во државата.

ЕДС, како членка на меѓународната берза за набавка на струја и со поддршка од најдобрата балансна група, има развиена мрежа за снабдување со електрична енергија и искуство во набавката на струја на слободниот пазар. Со досегашната работа придонесе за зголемена конкурентност на пазарот и за намалување на цената на струјата во Македонија. ЕДС Македонија е компанија која е дел од ЕДС групацијата што дејствуваат во Југоисточна Европа“ пишува во соопштението на компанијата.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top