понеделник, 26 јуни 2017 | Вести денес: 82 ново

Комплексниот „Мој термин“ проект воведе ред во ординациите

Придобивките од „Мој термин“ се двојни, како за институцијата како давател на здравствени услуги, така и за пациентите како корисници на здравствените услуги. Во текот на април 2013 година Здравствен дом „Скопје“ е вклучен како пилот-проект во националниот систем на електронско закажување „Мој термин“. На тој начин се даде значење на институцијата затоа што во однос на секундарната специјалистичка служба на град Скопје на ниво на поликлиники, ние сме носители на таа дејност и следење на патот на пациентот од примарно, секундарно и од терцијарно здравство со цел растоварување на терцијарното здравство – вели директорката на ЈЗУ Здравствен дом „Скопје“ д-р специјалист Татајна Баевска - Вучковиќ

Со долги, мачни и многу често непотребни чека­ња, влегување преку ред, губење драгоцено време, поминуваше секое одење на пациентите кај доктор-специјалист. Со поранешната навика, „дојди порано за да завршиш работа побрзо“ најчесто се водеа пациентите што имаа мака и мораа да посетат специјалист. Најчесто тоа не завршуваше толку лесно и брзо колку што посакуваа. Од пред пет години, прво како пилот-проект, а потоа почна да функционира системот за електронско закажување „Мој термин“. Најважно беше да се избегнат турканиците и непотребниот метеж, кои се создаваа пред ординациите, но и пациентите да добијат квалитетна услуга. Прегледот кај специјалист го закажува матичниот лекар. Времетраењето на прегледот кај специјалист е ограничено на 15 минути.

Министерството за здравство најави измени во системот за електронско закажување „Мој термин“ и ја разгледува можноста за зголемување на времетраењето на прегледот кај специјалист. Досега во ординацијата на специјалистот пациентите имаа по 15 минути, а сега се планираат измени и посетата кај специјалист би можела да биде продолжена за 15 минути.

Но, вакви измени веќе постојат. Во дел од специјалистичките амбуланти, во Здравствен дом „Скопје“ на почетокот на 2016 година, во согласност со анализите за реализација на прегледите во врска со времетраењето на преглед, термините кај оториноларинголог и кај дерматовенеролог од 10 минути се зголемија на 15, а кај специјалист офталмолог од 15 до 20 минути.

Проектот „Мој термин“ почна да функционира на први јануари 2012 година, прво како пилот-проект. Со години овој проект функционира во Швајцарија, Италија, Шведска, Германија. Моделот во Македонија е избран и копиран според здравствениот систем во Германија. Поранешниот министер за здравство Никола Тодоров беше во посета на болниците во Германија и оттаму собра искуства, кои подоцна се применија во македонскиот модел на „Мој термин“.

Пациентите, главно, се задоволни со воведувањето на „Мој термин“ бидејќи знаат кој ден и во колку часот ќе бидат примени од специјалист. Нема веќе турканици пред вратите на докторите, но дел од пациентите имаат забелешки на функционирањето на „Мој термин“. Велат дека поминуваат и по неколку недели за да закажат колоноскопија на дебело црево, преглед на онкологија, магнетна резонанција или, пак, компјутерска томографија.

Според дел од лекарите, не се случило пациент да биде вратен од хируршките клиники ако случајот бил итен, иако немал упат од матичен лекар. „Мој термин“ би можел да се коригира во делот на закажувањето на пациентите со приоритетен упат бидејќи тие се прегледуваат откако докторот ќе заврши со закажаните пациенти. Матичниот лекар може да даде приоритетен упат ако процени дека е потребно. Приоритетниот упат важи седум дена. Ваков упат може да издадат и специјалистите на клиниките. Ако матичниот лекар издава приоритетен упат за клиника што е пренатрупана, автоматски таа ги блокира приоритетните упати.

– Придобивките од „Мој термин“ се двојни, како за институцијата како давател на здравствени услуги, така и за пациентите како корисници на здравствените услуги. Во текот на април 2013 година Здравствен дом „Скопје“ е вклучен како пилот-проект во националниот систем на електронско закажување „Мој термин“. На тој начин се даде значење на институцијата затоа што во однос на секундарната специјалистичка служба на град Скопје на ниво на поликлиники, ние сме носители на таа дејност и следење на патот на пациентот од примарно, секундарно и од терцијарно здравство со цел растоварување на терцијарното здравство – вели директорката на ЈЗУ Здравствен дом „Скопје“ д-р специјалист Татајна Баевска – Вучковиќ.

Комплексен проект

Според Баевска – Вучковиќ, спроведувањето на „Мој термин“ во сите поликлиники на Здравствен дом „Скопје“ е пример за тоа како може успешно да се реализира еден комплексен проект.

– Огромните турканици, големата нервоза меѓу пациентите, кои независно од услугата што им е потребна доаѓаа во осум часот наутро, е заменета со една сосема нова, поинаква слика каде што не се чека ред пред специјалистичките ординации со часови и пациентите се задоволни, а ние како даватели на здравствените услуги ги имаме посакуваните резултати од електронскиот систем за закажување „Мој термин“. Се намалија редиците на чекање во поликлиниките, постои поголема комуникација од матичен лекар кон специјалист и обратно, се формира детален распоред за прием на пациенти кај сите доктори. Се избегнува неинформираноста кај пациентите за одреден преглед кај специјалист и метежот што се правеше за добивање информации – вели д-р Баевска – Вучковиќ.

Според анализите и статистичките податоци со кои располага Здравствен дом „Скопје“, во 2014 година од вкупно упатени пациенти од матичен лекар на секундарно ниво, 90 отсто се комплетно обработени, 10 отсто се упатени од специјалисти на повисоко ниво, од кои три отсто, според анализите, биле на инвазивна дијагностика, а само седум отсто за натамошно испитување и третман на терцијарно ниво.

Во 2015 година во специјалистички-консултативната служба се реализирани вкупно 493.689 прегледи, што е за 24.280 прегледи повеќе од 2014 година, кога се реализирани вкупно 469.409 здравствени услуги. Во 2015 година само шест отсто се упатени на повисоко ниво на здравствена заштита.

Во 2016 година во специјалистичко-консултативната служба на ЈЗУ Здравствен дом „Скопје“ биле реализирани вкупно 486.418 прегледи, а од кои само пет отсто се упатени на повисоко ниво на здравствена заштита. За споредба, според податоците на Здравствен дом „Скопје“ во текот на 2011 година во специјалистичко-консултативната служба се реализирани 388.207 услуги.

На годишно ниво во Здравствен дом „Скопје“ во 2015 и во 2016 година преку службите на примарна, превентивна и на специјалистичко консултативната служба се реализирани вкупно по еден милион здравствени услуги на пациенти.

– Во претходните две години имаме зголемување на приходите за три проценти, што најмногу се должи на зголемување на видот и на бројот на здравствените услуги во специјалистичко-констултативната служба – вели д-р Баевска – Вучковиќ.

Анкетите покажуваат дека пациентите, главно, се задоволни

Во Здравствен дом „Скопје“ била спроведена и надворешна анкета, која го покажува ставот на пациентите за „Мој термин“. Анкетата била направена во 2015 година и спроведена на повеќе од 7.000 испитаници.

Дел од резултатите на Здравствен дом „Скопје“ покажуваат дека повеќе од 80 отсто од испитаните пациенти се задоволни од квалитетот на услугата добиена од лекарот и од медицинската сестра, 98,6 отсто се задоволни од љубезноста на лекарите, 97,1 отсто се задоволни од љубезноста на персоналот, 78,6 отсто се задоволни од стручноста на лекарите, 81,4 се задоволни од односот на шалтерските службеници.

Резултатите добиени од националниот систем „Мој термин“ покажуваат дека 60 отсто од испитаните пациенти се задоволни од системот за електронско закажување. Вкупно 62,9 отсто сметаат дека се почитува закажаното време за преглед од страна на докторите, 100 отсто испитани пациенти одговориле дека не им се случило да дојдат на преглед на „Мој термин“, а докторот да не е присутен (и да не се претходно известени за тоа).

– Од 2012 година, па досега, со актуелниот менаџерски тим, во согласност со потребите на заедницата, финансиските можности, просторот, опремата и кадарот, отворени се нови 25 специјалистички кабинети, а постојните се засилени со отворање втора смена. Со преземање на вкупно 34 доктори специјалисти од приватно во јавно здравство во изминатите три години, а со цел следење на потребите на граѓаните за доближување на здравствените услуги и следење на пациентот од примарно, секундарно и од терцијарно здравство, со цел растоварување на терцијарното здравство, Здравствен дом „Скопје“ почна со сериозни засилувања на специјалистичките служби во периферните поликлиники и доближување на услугите до пациентите до местото на живеење – објаснува д-р Баевска-Вучковиќ.

Од 2012 до 2016 година се набавени нови медицински апарати во специјалистичките кабинети. Набавени се нови апаратури со кои биле воведени нови методи првпат во Здравствен дом „Скопје“ и тоа компјутерска томографија (КТ), електромиографија (ЕМГ), холтер, апарати за аналгетско разбивање на калцификати, дигитален мамограф и гастроскопија. На тој начин е скратено и времето на чекање за овие дијагностички процедури.

Пишува: Але­ксан­дра М. Бун­да­лев­ска
(Текст објавен во 250. број на неделникот „Република“, 16.6.2017)

Top