вторник, 12 декември 2017 | Вести денес: 0 ново

Екипите на Град Скопје ги расчистуваат последиците од вчерашното невреме

Екипите на штабот за заштита и спасување на Град Скопје активно работат на терен за расчистување на штетите кои беа предизвикани од големото невреме кое вчера го погоди Скопје и регионот. Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски денеска го посети расадникот на ЈП „Паркови и зеленило“, каде градот предизвика поголема материјална штета на објектите (стаклениците) и зеленилото.

Екипите на ЈП „Паркови и зеленило“ вчера и денеска работат на расчистување на последиците од невремето, каде на повеќе места е евидентирано оштетување на дрвја и зеленило. Екипите работат со соодветна механизација  на расчистување на паднати дрва, искршени крошни на стебла и искршени гранки од невремето, а на терен е евидентирано и оштетување на дел од цветните површини низ градското зеленило.

Екипите на ЈП „Водовод и канализација“ и „Комунална хигиена“ со екипи и механизација работат на терен на чистење на сливници и шахти на целата територија на Скопје, но најмногу во Радишани, Бутел, Автокоманда, Чаир и Ченто.

По обилните врнежи на дожд и град на поголем број на локации во Скопје се појавија поплави на неколку локации во Скопје, како што се подвозникот на бул. Киро Глигоров (кај Бриколаж) и клучката кај хотел Континентал. На овие локации краток период се создадоа потешкотии во одвивањето на сообраќајот, а по интервенцијата на ЈП „Водовод и канализација“ и екипите на Противпожарната бригада на Скопје, состојбата за многу краток период се нормализира и сообраќајот се одвива непречено и без застој.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top