понеделник, 18 декември 2017 | Вести денес: 115 ново

Македонија одигра само нерешено со Украина, прокоцка +5 и пласман на ЕП во Хрватска

Ракометната репрезентација на Македонија ќе почека на настапот на ЕП во Хрватска затоа што на гостувањето кај Украина одигра 27-27 и ќе мора да обезбедува пласман на континенталниот собир во последното коло.

Македонија имаше водство од +5, но следеше пад кој Украина го искористи. Во финишот имавме напад за победа, но фантастичниот Чуприна го прочита ударот на Манасков и направи се да се решава во последното коло.

Натпреварот во далечниот Суми подобро го отворија Украинците и поведоа со 2-0 со два гола по комбинации. Лазаров, кој во Скопје им даде 12 гола на Украинците, реализираше во 4 минута за 2-1.

Брзо фативме приклучок и Миркуловски и Манасков погодија за 3-3, а кога во следниот напад Влатко Митков погоди, Македонија првпат поведе (3-4). Следеше серија на голови од двете страни до првиот тајм-аут на Андронов при 6-7 во 14 минута.

Нашата одбрана немаше решение за Садови, кој единствен пробиваше и ја тресеше нашата мрежа. Следеа голови на Шевелев и на Жуков и Раул побара тајм-аут при 12:10. Советите на Шпанецот брзо вродија со плод, па Македонија направи серија од 0-6 и поведе со четири гола (12-16), предност која ја задржа и до финишот на првото полувреме (14-18).

На стартот на второто полувреме со голот на Стоилов нашата репрезентација поведе и со +5 (15-20), но потоа, следеше пад во играта и нестабилна одбрана која Украинците ја искористија и со серија од 5-1 успеаја да се вратат на само еден гол негатива (20-21). Кире Лазаров со еден одличен гол од далечина го врати водството од два гола (20-22), водство кое го држевме до 50 минута (23-25), но Украина во игра ја држеше голманот Чуприна кој бранеше одлично и својата земја во последните пет минути ја внесе со негатива од еден гол (26-27).

Македонија во клучните моменти не успеа да реализира преку Кире Лазаров, а потоа промаши и Талески, додека Украина во 57 минута имаше напад за изедначување, во кој одличен беше Борко Ристовски. Но, во наредниот напад за Македонија не реализира Поповски кој првпат шутираше на мечот. Украина успеа по долго време да изедначи преку Денисов (27-27), а Македонија во последниот напад не успеа да реализира преку Манасков, чиј удар беше прочитан од Чуприна.

Најдобар во таборот на Македонија беше Кире Лазаров со осум постигнати гола, а Филип Талески додаде уште пет, додека кај Украина одличен беше Садови со седум гола, како и голманот Чуприна со 12 интервенции вклучувајќи го и последниот удар на Манасков.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top