понеделник, 11 декември 2017 | Вести денес: 117 ново

На ВМРО-ДПМНЕ му треба чистка на лицемерите и опортунистите

Ненад Мирчевски

Таканаречена реформска група на ВМРО-ДПМНЕ се појави во јавноста со барање за демократизација во партијата во екот на преземањето на институциите на државата од предавничката банда предводена од Зоран Заев, а раководена од „дип стејт“. Малку е чудно што оваа група анонимни членови и симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ (случајно или не) се појавува со повик за некакви партиски промени кога со државата управуваат криминалци кои со реформите сакаат да го прикријат нивниот криминал и кои ни носат некаква демократија со помош на недемократски методи и средства! Во принцип повиците за реформи по дифолт треба да значат позитивни промени, но гледајќи како квислингот Заев ги поима и како ги спроведува од првиот ден на владеењето не можеме а да не бидеме претпазливи кога било кој друг ќе спомне вакво нешто. Особено внимателна треба да биде партијата која до сега силно се противеше на обидите за разнебитување на државата затоа што се уште е единствената силна пречка за целосна реализација на црното сценарио. Токму поради тие причини преземањето на партијата од страна на овие странски структури би била реална и очекувана цел.

Со оглед на тоа дека се целосни анонимуси за јавноста, првите прашања до оваа реформаторска група би биле – која е потребата да се одвлекува вниманието на целата јавност со внатрепартиски работи во период кога се наоѓаме под протекторат на надворешни центри на моќ кои владеат со државата преку квислиншката власт предводена од СДС? Зошто во изминатите две години од почетокот на кризата не се појавија со ниту едно барање за било какви партиски или државни реформи со цел ставање крај на кризата, а се појавуваат сега, кога на државата и се спрема сценарио за промена на името? Дали во текот на десетгодишното владеење на партијата придонеле со идеи за подобрување на животот на сите граѓани? Во чиј интерес е слабеење на партијата пред локалните избори и пред давањето завршен удар за промена на името? Дали оваа реформска група смета дека доволен предизвик за излегување на прес конференција им бил поривот за менување на статутот на партијата (како што сами рекоа), а не беа испровоцирани јавно да проговорат за украдената победа на нивната партија ВМРО-ДПМНЕ од последните избори и за ускратеното право на мнозинството Македонци да владеат преку нивната партија?
Но, кога ете решиле дека треба целата јавност да знае дека се залагале за „ внатрепартиски реформи и демократизација на партијата со цел враќање на угледот и силата на ВМРО-ДПМНЕ“ би сакал да ги прашам дали во изминатите години овие членови на ВМРО-ДПМНЕ извршувале некакви функции, со каков успех и резултати? Дали кај нив постои било каква доза на самокритичност и се подготвени да одговараат за нивните постапки во текот на владеењето на нивната партија? Исто така би сакал да прашам дали дел од овие реформатори во текот на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ биле на повеќе раководни позиции од каде што истовремено земале повеќе надоместоци истовремено? За некои од нив се збори дека наплатувале паушали по 90.000 денари! Колкукратно им е зголемена имотната состојба во текот на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ? Дали на било каков начин ја злоупотребувале позицијата и името на ВМРО-ДПМНЕ? Исто така се зборува дека меѓу нив има „реформатор“ што во минатото имал обичај да се претставува како адвокат на ВМРО-ДПМНЕ и практикувал со нога да отвора врати во судовите, за што поради арогантно и агресивно однесување бил сменет од функцијата претседател на правна комисија на ВМРО-ДПМНЕ.


Како што велат и самите тие сакаат демократизација, па врз основа на тоа, членовите и симпатизерите имаат право да знаат кој ќе спроведува реформи, а со самото тоа што и се обратија на целата јавност тогаш и сите ние имаме право да прашуваме.
За жал без вистински и искрени одговори, оваа група луѓе остава впечаток на онаа фамозна „тројка“ која пак, гледаме дека по неуспешното реформирање на ВМРО-ДПМНЕ си најде свое место во новата квислиншка влада. Оттука со право се поставува дилемата дали и зад оваа група стојат структурите на СДС и „дип стејт“? Дали со оваа група раководи амбасадорот Џес Бејли кој практично во моментот управува и со државата? Добрата техничка опременост при реализацијата на прес конференцијата и покриеноста на настанот од просдсмовските медиуми отвора сериозна дилема околу тоа кој навистина стои зад нив и која е нивната вистинска цел?Дали целта е реформирање на ВМРО-ДПМНЕ или преземање на партијата и ставање во скут на истите оние кои по насилен и нелегален пат ги симнаа од власт?
Во интерес на плурализмот во државата се надевам дека реформите во партијата кои ги најави и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски ќе бидат во насока на чистење на сите оние што во последните десет години придонесоа за забавување на економскиот напредок, сите кои не ја искористија или ја злоупотребија дадената шанса да бидат на високи државни функции, сите оние кои со своето несовесно и неодговорно однесување направиле штета на граѓаните, или придонеле за уривање на угледот на државата и на партијата.
Оттука сигурно ќе поддржам процес на партиски реформи и тоа не само во ВМРО-ДПМНЕ, туку уште повеќе и во СДС (која во моментот не го заслужува тоа М). Сепак, искрено се надевам дека ВМРО-ДПМНЕ ќе понуди вистински избор кој ќе може да се справи со предавничките структури и во своите редови и во институциите на државата кои во моментот ги имаат запоседнато.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top