недела, 20 август 2017 | Вести денес: 79 ново

Вардар ни покажа колку сме поделени: Култура на (не)успехот

Ако Вардар со години меѓу противниците на македонската унитарност важи за синоним за поделба на Скопје на македонски и на албански дел, сега европскиот шампион станува симбол на национално единство, за жал, не за сите нас. По старата проверена формула, околу победникот се собраа сите, и старо и младо, и мажи и жени и Македонци и Албанци, а надвор од еуфоријата останат само тие што не ѝ мислат добро на Македонија

 

goran-momiroski-kol-90x115

Колумнист: Горан Момироски

Секој има право да не сака спорт, да не ги почитува ракометарите, кои станаа европски шампиони со светски шмек, секој може поради политички причини да го омаловажува успехот на Вардар, но никој не смее да ја омаловажува позитивната енергија од национално значење, која околу спортскиот клуб Вардар ја имало и секогаш ќе ја има.

За жал, дел од македонската јавност, место победите на Вардар да ги искористи за намалување на тензиите што постојат во поделеното македонско општество, ги злоупотреби за предизвикување дополнителна поделеност. Тие го гледаат Вардар не како спортски успех, туку како обнова на националниот дух на Македонецот, кој има ретка можност да победува во Европа и во светот. Дури и да не се свесни за оваа психолошко-спортска карактеристика на победите на Вардар, тие луѓе што поради политиката се подбиваа со Вардар треба да знаат дека на овој народ му се потребни победи за да биде посамоуверен и поамбициозен, за да верува повеќе во себе. Или, пак, идејата е европскиот шампионски пехар да се прикаже како вештачки успех, кој прилега на вештачка нација?

Основата на нападите на успехот на Вардар е тоа што тој во Македонија дојде во времето на ВМРО-ДПМНЕ и затоа на него од ексопозицијата, а сегашна власт се гледа со недоверба. Причините за одбивноста на приврзаниците на актуелната власт кон Вардар лежат во сопственикот, кој кај политичките противници на СДСМ се опишува како маша на Груевски и на ВМРО-ДПМНЕ.

Навредите што кон сопственикот на Вардар, Сергеј Самсоненко, ги упати Роберт Алаѓозоски пред да биде назначен за министер за култура се само врв на сантата мраз што постои во македонското општество.

Легитимно право на Алаѓозоски како политичар е да користи разни зборови како „Куртоненко“ за да ја постигне својата политичка цел и тоа право никој не му го спори сѐ додека е во рамките на законот и сѐ додека директно погодените не го тужат за навреда. Но негова обврска е и сега да најде начин да се извини за своите зборови затоа што, доколку не го стори тоа, за него „Куртоненковци“ се сите тие што вечерта на големата победа се радуваа во Келн, покрај малите екрани,  на плоштадот „Македонија“, на скопските улици пречекувајќи го автобусот со спортските херои на Македонија. А овде не е важен министерот за култура туку нивото на култура што ќе мораме да го подигнеме и со негова помош. Дури и кога од политички, етнички или од кои било други причини нанесуваме штета на националното единство, колку и е да тоа излитена фраза за македонската левица.

Шефот на Алаѓозовски, премиерот Заев веќе го стори тоа, индиректно се извини со поканата за средба за ракометарите на Вардар на кои им честиташе на шампионскиот пехар во најсилното светско клупско ракометно натпреварување. Со тоа тој, на некој начин, призна дека грешел кога неговата партија обвинуваше за криминални врски меѓу Самсоненко и претходната влада.

Културата, по дефиниција, го содржи човековото поведение и почит кон одредени успеси или неуспеси и затоа одговорноста на министерот за култура не е само да создаде пишани програми и стратегии. Пред сѐ, затоа што ќе биде крајно некултурно во име на политички конфликти успехот на Вардар да се запамети по некултурното поведение на дел од граѓаните, кои не можат да смислат македонска екипа да помине под Триумфалната капија, која кај нив е уште еден симбол на ВМРО-ДПМНЕ.

Исто како што е крајно некултурно и нецивилизациски што дел од навивачите на Вардар со физички напади и навреди врз граѓани од немакедонска националност  ја искажаа својата национална фрустрација. За нив е неопходно да реагираат полицијата и судовите, а за министерот и критичарите на Вардар судот ќе го дадат нивната совест и македонската јавност.

(Текст објавен во 249. број на неделникот Република, 9.6.2017)

Top