сабота, 18 ноември 2017 | Вести денес: 80 ново

Град Скопје: Возачот беше предупреден, фонтаната не е предвидена да издржи камиони

Градот Скопје реагира на невистините што во текот на изминатите два дена беа пласирани во медиумите во врска со пропаѓањето на камион во површинската фонтана на плоштадот „Македонија“, како и на обвинувањата дека станува збор за неквалитетна градба на оваа фонтана.

„Сакаме да нагласиме дека површинската фонтана на плоштадот „Македонија“ е градена според сите стандарди за изведба на ваков тип фонтани. Станува збор за површинска, таканаречена сува фонтана со вкопано армирано-бетонско корито.

Водата што прска од фонтаната понира меѓу плочите, се прочистува и се враќа во системот. Поради таквиот начин на работа, површинските фонтани никаде во светот не се предвидени по нив да се движат возила, а особено не тешки товарни возила“, пишува во реакцијата

Градот Скопје појаснува дека околу плоштадот „Македонија“ има кружна црна патека од гранит, која е предвидена да издржи тежина на камиони. Дополнително, пред одржувањето на пречекот на европскиот ракометен шампион „Вардар“, на плоштадот имаше петмина чувари што ги насочуваа камионите со опрема да се движат токму по црната гранитна патека. Камионот на ЈП „Улици и патишта“ што пропадна во површинската фонтана носеше огради (сопственост на МВР) предвидени за просторот пред и околу бината. Но, и покрај укажувањата на чуварите, возачот на камионот го завртел возилото кон фонтаната и пропаднал. Други камиони што ги почитувале укажувањата од чуварите да се движат по црната гранитна патека без пречки ја транспортирале опремата за бината.

Оттука, грешката за пропаѓањето на камионот во површинската фонтана на плоштадот „Македонија“ е исклучиво кај возачот на камионот, кој претходно бил предупреден дека возењето по оваа фонтана е забрането.

„Во текот на вчерашниот ден екипи на Градот Скопје вршеа увид во направената штета на површинската фонтана на плоштадот „Македонија“, која ќе биде поправена и ставена во функција“, велат од Град Скопје.

 

 

 

 

 

Top