понеделник, 18 декември 2017 | Вести денес: 0 ново

Јубилејно издание на „Види музика, слушни слика, добиј книга“: “Пинк флојд” со Филхармонијата во Градски парк!

Македонската филхармонија и Младинскиот културен центар го најавија 10. јубилејно издание на “Види музика, слушни слика, добиј книга” за 22 јуни (21 часот) под отворено небо во Градскиот парк во Скопје. Мултимедијалниот перформанс ќе биде посветен на една од најдобрите музички групи на сите времиња ­ “Пинк флојд”!

Љубителите на музиката на магичниот англиски бенд ќе имаат можност да ги слушнат најдобрите композиции од неговото богато и влијателно творештво, аранжирани за симфониски оркестар. Со сосема нови оркестрации, дело на музичкиот уметник Џијан Емин, ќе прозвучат легендарните: “Shine On You Crazy Diamond”, “Money”, “Us and Them”, “Another Brick in The Wall”, “Wish You Were Here”, “Speak To Me”, “Breathe”, “On The Run”… Диригент на концертот е Џијан Емин, а како главен вокалист и гитарист ќе настапи Ади Имери.

Оркестарот на Македонската филхармонија ќе биде збогатен и со настап на бенд во состав Александар Поп Христов на електрична гитара, Иван Бејков на електричен бас, Мартин Вучиќ на тапани, Благоја Перуновски на синтисајзер.

Звучниот проект ќе биде збогатен со ликовен перформанс: на две големи платна ќе сликаат ликовните уметници Јулијана Гешовска и Илија Спасовски ­Чендо. Љубителите на пишаниот збор пак, бесплатно ќе можат да добијат примерок од книгата “За одењето по мраз” од култниот германски режисер и сценарист Вернер Херцог.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top