вторник, 21 ноември 2017 | Вести денес: 111 ново

Вечерва во Кардиф се игра финалето од ЛШ: Реал Мадрид и Јувентус ќе се борат за трофејот

Екипите на Реал Мадрид и на Јувентус вечерва во Кардиф ќе се борат за трофејот од фудбалската Лига на шампиони.

Реал има шанса да стане првиот клуб кој ќе го одбрани трофејот, додека Јувентус ќе се обиде по пауза од 21 година да се искачи на европскиот фудбалски трон.

Шпанскиот клуб во својата богата со трофеи историја досега има 11 титула европски првак, додека Јувентус е со два наслова.

Италијанскиот тим покрај тоа што ја „брка“ третата титула Шампион на Европа, ќе се обиде да го повтори успехот на Интер кој е единствениот во Италија со „тројна круна“ (првенство, куп и ЛШ).

Предводени од легендарниот Џанлуиџи Буфон, Јувентус е во мисија да ја прекине „црната“ серија од шест последователни загубени финалиња. Тренерот Масимилијано Алегри е среќен што неговите избраници ќе имаат мошност да настапат на големиот спектакл.

-Да се дојде до финалето е голем успех. Финалето на Лигата на шампионите е едно, како кај Суперболот, и тогаш мора да бидеш прав човек на право место. Одушевен сум што имаме ваква шанса, изјави Алегри.

Неговиот колега од спротивниот табор, Зинедин Зидан смета дека двата тима имаат еднакви шанси за успех.

-Мечот со Јувентус е посебен за мене, бидејќи во Торино поминав голем дел од мојата кариера и многу научив за фудбалот. Сега сум во Реал Мадрид, клубот на мојот живот и ќе направам се за да дојде до трофејот. Шансите се 50:50, порача Зидан.

Изедначен е и билансот на двете екипи во досегашните нивни 18 дуели (по 8 победи и порази и две нерешени средби).

Натпреварот во Кардиф почнува вечер во стандардниот термин за ЛШ од 20 часот и 45 минути.

Top