понеделник, 23 октомври 2017 | Вести денес: 0 ново

СДСМ ќе ја реформира економијата со зголемени даноци и замрзнати плати

Економската политика на новата влада предводена од СДС се обидува со популистички мерки, како зголемување на минималната плата и укинувањето на радиодифузната такса, да ја „купи“ довербата на граѓаните, иако мерките кои ги најавува се реално неиздржливи, па ги критикуваат дури и експертите кои биле или се се уште дел од редовите на оваа партија. Според нив, политиката на Заев, мора да повлече зголемување на даноците, додека зголемувањето на платите во моментов е невозможна мисија, бидејќи тоа би довело до колапс на целиот финансиски систем и на државата и на фирмите.

Една од најнепопуларните мерки која новата влада најавува дека ќе ја воведе е укинување на рамниот данок и воведување прогресивен данок, кој автоматски ќе значи зголемување на даноците.

Според поранешниот министер за финансии Никола Поповски, новата влада мора да превземе неколку чекори на почетокот на своето владеење, кои можат да бидат и непопуларни, а би значеле помали трошења (вклучително и замрзнати плати) и зголемување на даноците.

Фискалната консолидација подразбира напуштање на наведените политики и  обезбедување на финансирање на јавните потреби со поврамнотежен буџет и со негова подобра структура. Но, заради фактот дека не постои објективна можност приходите на буџетот драстично и брзо да се зголемат, ќе мора да се прибегне кон прилично непопуларната мерка на намалување на неговите расходи– смета Поповски.

 

Втора непопуларна мерка би биле промените во даночниот систем, преку раст на персоналниот данок на доход и данокот на додадена вредност, како би се покриле можните дефицити на буџетската каса.

Втората важна работа се промените во даночниот систем. Тој сега не обезбедува доволно средства за утврдените јавни расходи, а се смета дека е и прилично неправеден бидејќи обилно се потпира врз индиректните даноци (ДДВ, акцизи) што се неправедни и не ги оданочуваат даночните обврзници согласно нивната економска моќ. Од друга страна, даночните стапки на директните даноци (персоналниот данок на доход и данокот на добивка) се релативно ниски и пропорционални за сите нивоа на остварен доход, односно тие изнесуваат само 10 отсто. Некои корекции кај стапките мора да се направат и барем кај ПДД да се внесат прогресивни стапки со блага растечка прогресија – на пример 10, 12 и 15 отсто или нешто слично.Ако се има предвид дека владата веќе најавува целосно укинување на некои постојни јавни давачки (такса за МРТВ) или значително намалување на други (казни и глоби), тогаш можеби не е рано да се преоцени и стапката на ДДВ и нејзино благо нагорно поместување за еден до два процентни поени со цел да се компензираат можните нови дефицити. Дополнително, даночните оптоварувања кај правните лица од домашни и странски инвеститори според структурата и висината треба да почнат да се врамнотежуваат сè до нивно изедначување во иднина– смета Поповски.

Тој смета дека се потребни дури и похрабри мерки за корекции во даночниот систем за тој да биде постимулативен за економските активности, за инвестиции и за отворање на нови работни места.

Дополнителен структурен проблем се законските обврски на буџетот, како на пример оние за плати и надоместоци за јавната администрација или за исплата на камати на постоечкиот јавен долг, како и сè повисоките буџетски трансфери кон државниот пензиски фонд (ПИОМ) што и во иднина ќе бидат негов голем товар-потенцира екс министерот за финансии на СДСМ, Никола Поповски.

Професорот Ванчо Узунов, поранешен потпретседател на СДСМ смета дека платите во јавната администрација не треба да се покачуваат во следните четири години, што би значело спротивставување на најавите на лидерот на СДСМ, Зоран Заев дека во наредниот 4-годишен мандат ќе се зголемат платите во јавната администрација, како платите на докторите, војската, полицијата.

Од ова може да се заклучи дека паѓаат во вода најавите на Заев за зголемување на платите на административците, бидејќи за тоа се против и економските експерти кои се блиски до него.

И за поранешниот министер за финансии Трајко Славевски економската програма на СДС е неиздржана и нереална. Според него враќањето на ДДВ-то на 15 проценти, како што се најавува, би колабирало за неколку месеци од неговата примена.

Славевски додава и дека лицитирање со прецизни бројки, како минимална плата од 12.000 е погрешно. Тој смета дека зголемувањето на минималната плата ги исфрла од работа токму оние на кои што сака да им помогне, дополнително што истата не би смеела да се однесува на повеќе од 5-6 проценти од вкупниот број работници во индустријата.

Поранешниот министер за финансии вели и дека ако се воведе повисока стапка од 18 отсто данок, луѓето ќе изнајдат начин да го избегнат тоа и ќе се плаќа помалку.

Top