среда, 18 октомври 2017 | Вести денес: 44 ново

Заедничко претставување на новите колекции на „Еклектика“ и „Лудус“

Дизајнерите на накит Моника Лозановска и Александар Милев од „Еклектика“ и модниот креатор Драган Христов од „Лудус“, в среда, 31 мај, во 19.30 часот, во ателјето на „Еклектика“ во скопски Капан Ан ќе ги претстават своите нови колекции Sensees, Silhouettes и Imperfections.
Новата колекција на дизајнерката Лозановска „Сетила“ (SENSES) е составена од рачно изработена линија на обетки. Посветена на основните човечки сетила, линијата претставува рачно изработени скулптури преточени во уникатни обетки.

На прв поглед обетките се со едноставен и минимален дизајн, но нивната скулптуралност, налик на мали уметнички дела, им дава елемент на суптилна експресија поврзана со основните сетила.

Целата линија е изработена од сребро. Кругови, триаголници, квадрати, со испреплетени ланчиња меѓу нив и вметнат филигран и мнооогу љубов ја составуваат колекцијата која е наменета за оние со младешки дух, за оние кои сакаат да бидат препознатливи.

Новата колекција на авторот Александар Милев се состои од обетки со апстрактна форма на женски силуети. Изработени се од сребро со полудраги камења, наменети за софистицирани, модерни и сигурни жени.

Новата безродова колекција на Лудус е досега најдлабоко истражување на темите што авторот Драган Христов ги разработува во творечкиот циклус. Базирана е на различни и навидум неспоиви референци и влијанија, како бизнис облеките од почетокот на 90-тите, филмската дива Бети Дејвис, балетот и јапонската ваби-саби филозофија.

И оваа колекција е изработена од висококвалитетни природни материјали како памук, лен и мерцијализиран памук.

Top