понеделник, 18 декември 2017 | Вести денес: 119 ново

СТУДЕНТСКИ ПРОТЕСТИ 1968/2014, МЕМОРАНДУМ НА САНУ/ТИРАНСКА ПЛАТФОРМА: Не очекува ли Газиместан и 14-ти конгрес на СКЈ?

Никола Србов

Никола Србов

Ал Џезеира стокмила документарен филм во кој се изложиле куп лаги и манипулации за историјата на Албанците во Република Македонија. Делово, скроено во духот на 90-те години, не е вредно за коментирање, но еден сегмент од филмот, ноторна манипулација, ме потсети да повторам една паралела која пред неколку месеци ја кажав во една ТВ емисија, по што, вообичаено, бев исмеан и извреѓан, но комплексите и незнаењето кај некои луѓе се вечни.

Пропаганда како пропаганда, ниво – подрум, евтина приказна скапо платена, срочена со цел да се подготви терен за прогласување наводен геноцид врз Албанците, но со акцент на случувањата од 1968 и 1981 година и тогашните протести, а тоа е прилично скокотлива тема.

Гледајќи ги настаните во државава, последниве три години, језиво ме асоцираат на процесот кој претходеше на распадот на Југославија. Забрзано, дваесет години спакувани во три години. Во овој процес клучна е 1968 година, барем според мене, а според фактите тогаш започна лавината, но фактите секој различно ги анализира, па еве го моето согледување.

studentski protesti 1968

Во 1968 година светот го зафаќа т.н. „студентска пролет“, започнуваат најмасовните студентски протести во историјата. Повод за протестите била кризата на општеството, системот, моралот, на Запад се говорело за криза на капитализмот, додека на Исток за криза на комунизмот. Во Југославија протестите биле најмасовни во Белград, Сараево и Загреб. На подолг рок ние Македонците сме имале бенефит од студентските протести во 1968 година, тие ја отклучија вратата кон осамостојувањето на републиките.

Истата 1968 година, на денот на најголемиот албански празник – Денот на знамето (Dita e Flamurit) започнуваат студентски протести на Косово. Под влијание на косовските протести започнале и демонстрации на Албанците во Тетово и Гостивар. Додека студентите низ цела Југославија протестирале за демократизација на општеството, студентите на Косово затскриени зад актуелните теми истакнале транспаренти „Косово седма република“, „Косово на Косоварите“, „Обединување со Албанија“.

kosovo

Студентските протести од 1968 година резултирале со измени на Уставот на Југославија. Измените предвидувале подигнување на статусот кој во 1963 година го добиле двете автономни покраини: Со­ци­ја­лис­­­­тичка Автономна Покраина Војводина и Социјалистичка Автономна Пок­раина Ко­со­­­во, со тоа Албанците го направиле првиот чекор кон големодржавниот сон. Јосип Броз Тито ги замолкна демонстрантите со познатото „во право сте“ и водачите ги вклучи во политичкиот живот за подоцна истите да ги елиминира.

Во 1971 година повторно следеле измени на Уставот, било воспоставено Претседателство на Федерацијата со „АМАНДМАН XXXVI 1. Се востановува Претседателство на Социјалистичка Федеративна Репуб­ли­ка Југославија…“. И покрај тоа што Косово било составен дел од Србија, сепак, покраинските власти влегле во федералното претседателство заедно со сите републики.

На 21 февруари 1974 година во Белград е изгласан новиот Устав со кој во Членот 1 се прошируваат надлежностите предвидени со измените од 1968 година. При распадот на Југославија, Словенците, Хрватите и Македонците, својата самостојност ја афирмираа потпирајќи се на Уставот од 1974 година, додека Албанците се повикуваа на републичкиот устав од 1974 година каде во Член 1 стои: „Социјалистичка Република Македонија е национална држава на маке­дон­скиот на­­­род и држава на албанската и турската народност во неа…“.

Албанците го бараа Уставот од 1974 година бидејќи со измените од 1989 година тие беа избришани од       Уставот, бришењето го извршија сопартијците на еден од гостите во документарецот на Алџезеира – Стојан Андов. Ќе се согласите дека вакви парадокси нема никаде на земјинава топка.

Studentski protesti vlada 5 (Custom)

Република Македонија, 2014 година. Започнуваат студентски протести на кои се говори за реформи во образованието. На протестите беше забрането да се истакнуваат македонски знамиња бидејќи, според организаторите, тоа било навреда за студентите Албанци кои требаше да се вклучат. Тоа беше првата проба да се опипа можноста за учество на Македонци и Албанци на ист протест.

Но, не размислуваме само ние за историјата, размислуваат и тие, можеби и многу повеќе од нас, анализираат но и спроведуваат. На студентските протести во 1968 година биле окупирани факултети и студентски домови и истите биле прогласувани за „автономни зони“, познато нели?

okupacija beograd

Во 2014 година, покрај истата тактика со прогласување на „автономни зони“, исти беа и организаторите на протестите. Веќе на сите ни е познато дека Фондацијата отворено општество стоеше позади студентските протести во 2014, но не знам колку е познато дека Владимир Милчин бил еден од најактивните демонстранти на студентските протести во 1968 година во Белград. Милчин, како интелектуалец, изворно ги знае тактиката и резултатите од овие протести.

Реториката на протестите во 2014 година премина, од реформи во образованието, преку немање демократија, стигнавме до прашања за децентрализација, исто како во 1968 година, само што сега збориме за наша земја, а не за федерација. На тие протести, кои го означија почеток на кризата, почна да се говори и за бинационалноста. Паролите на протестите, како и хаштазите по социјалните мрежи, беа испишувани на македонски и на албански јазик, но не и на турски, српски, влашки, ромски. Исто како во 1968 година и сега видовме како водачите на студентските протести влегоа во политиката, останува само да видиме дали ќе ги снајде истата судбина како нивните претходници, бидејќи нели, „револуцијата“ ги јаде своите деца.

Како што студентските протести од 1968 година ја отклучија вратата за распад на федерацијата преку децентрализацијата санкционирана во Уставот, така студентските протести во 2014 година ја отклучија вратата за бинационалноста, билингвалноста и децентрализацијата на Република Македонија.

11 март 1981 година, во мензата на студентскиот дом во Приштина започнува бунт, студентите стапуваат во штрајк со глад, наративот бил студентскиот стандард. На вториот ден од протестите студентите истакнале пароли на кои било испишано „Слобода, рамноправност, демократија“ (познато звучи и ова), „Трепча ради, Београд се гради“, „Косово на Косоварите“, „Обединување на албанските земји“. По интервенцијата на полицијата и апсење на водачите, на 1 април избиле жестоки протести во Приштина на кои се барало Косово да се прогласи за седма република. Крајната цел била отцепување преку правото на самоопределување до отцепување со кое би се здобиле како република.

Како го следиме патот на распадот на Југославија, така паралелата изгледа се појезива, но едноставно, тоа се фактите од кои, очигледно, слабо учиме.

Каков беше одговорот на Србите по случувањата на Косово и порастот на национализмот во федерацијата?

„Од Начертанијето на Гарашанин до сега Србија немала национална програма“

Српската академија на науките и уметностите (САНУ) издаде еден погубен и шовинистички документ, познат како „Меморадумот на САНУ“ во кој Србите ги најавија војните во Југославија. Во овој документ главна тема бил „Физичкиот, политичкиот, правниот и културниот геноцид извршен над Србите“. Меморандумот ја постигна целта за која беше наменет, започнаа жестоки судири на национална основа во федерацијата.

За жал, денеска во 2017 година во Република Македонија се соочуваме со документ кој предвидува носење резолуција за извршен геноцид врз Албанците, документ со кој беше уценета единствената политичка партија која стои зад националните интереси, ВМРО ДПМНЕ.

Дотука сме покриени со факти во паралелава, но што ни преостанува?

На 28 јуни 1989 година се случи Газиместан, прослава на Косовската битка на која Слободан Милошевиќ со изјавата „Повторно сме пред битки и во битки, тие не се вооружени, но ни такви не се исклучени“ де факто објави војна на сите во федерацијата кои не се на негова линија.

20 јануари 1990 година во Сава центарот во Белград започна последниот 14-ти Конгрес на СКЈ по што се случи институционалниот распад на Југославија и државата влезе во најкрвавите војни на европско тло после Втората светска војна.

Мислам дека ова е доволно, да не дозволиме да ни се случи некој „Газиместан“ и да не бидеме седнати на зелена маса после некој пандан на 14-от Конгрес и војните кои следеа. На тој начин се става крај на Република Македонија.

И понатаму ќе анализираме, и ќе алармираме, бидејќи и тие ја читаат историјата и спроведуваат на терен потези поттикнати од нејзе, народот е тој кој треба да ја сочува оваа земја, а народот сме ти и јас.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top