сабота, 18 август 2018 | Вести денес: 0 ново

Смешно ли е, ТВ Алфа и Димитар Атанасовски, што си плукнавте в лице? (ВИДЕО)

Кој им даде право на Алфа и на Димитар Атанасовски да се исмеваат со човекот, градежен работник во домашна фирма, кој ни крив ни должен со капацитет толкав колкав што поседува се најде во квиз на знаење? Дали после ова Алфа, телевизија која се гордее со националната концесија, и Димитар Атанасовски, омилениот македонско водител, еден од малкуте, ќе можат да се наречат национална телевизија и гордост на македонското водителство?

Исечок од квизот „Арена“, автентичен, оригинален концепт, успешна интеракција од повеќе вештини како што се знаење, брзина, логично размислување и комуникација, кој се емитува на националната ТВ Алфа, деновиве кружи по социјалните мрежи како „многу смешно видео“.

Не само што ништо не е смешно во видеото, туку е и многу жално, срамно и понижувачки она што се продава како „смешно видео, хахаха, ЛОЛ“.

Дури и во квизовите во кои не се бара знаење не може да влезе секој, постои селекција на натпреварувачи, претходно запознавање, тестирање на учесниците, така што невозможно е во квиз на знаење да влезе некој „случаен минувач“, некој од улица, некој кој не е за таму.

Не е смешно што човекот кој заталкал во квизот нема познавање од темите на кои се натпреварува, не е смешно што има капацитет колкав што има, жално е што телевизија со национална концесија дозволи во едночасовна агонија да страда тој човек. Недопустливо, жално и срамно е водител од ковот на Димитар Атанасовски, кој не само што не е почетник, туку и важи за професионалец во водителството, да си дозволи со инфантилни прашања и коментри да ги го понижува човекот, кој е таму по нивна грешка.

Чувствуваат ли Алфа и Димитар дека треба да му се извинат на Благојчо и да му надоместат за нивниот срам, за тоа што го понижија и што го исмеаја? Чувствуваат ли Алфа и Димитар дека ја преминаа границата на вкусното, дека непотребно си ги извалкаа имињата и дека си ги погазија титулите – национална телевизија и омилениот водител? Чувствувате ли дека попусто ви се „студиото по светски стандарди“ и „вредните награди“ кога сте ги изгубиле професионалните стандарди и хуманоста?

Смешно ли е, ТВ Алфа и Димитар Атанасовски, што си плукнавте в лице?

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top