среда, 18 октомври 2017 | Вести денес: 44 ново

Стинг доаѓа во Скопје на концерт!

Едно од најголемите светски музички имиња, Стинг, на 15 октомври во Скопје ќе одржи концерт во арената „Борис Трајковски“, информира „Авалон продукција“.

– Со големо задоволство Ве информираме дека на Македонија ќе и` се случи најголемиот концерт во нејзината досегашна историја! Во рамките на големата светска турнеја „57th & 9th“ по повод истоимениот албум,на 15 октомври во арената „Борис Трајковски“ во Скопје концерт ќе одржи едно од најголемите светски музички имиња на сите времиња – Стинг – се вели во соопштението на „Авалон“.

На оваа турнеја, Стинг свири неколку песни од навистина извонредниот нов албум, како и најголемите хитови од неговата соло-кариера: „Fragile“, „Desert Rose“, „Fields of Gold“…, како и од времето на легендарната група The Police: „Message in the bottle“, „Walking on the moon“, „Every breath you take“…

unnamed (1)

Стинг заедно со „Ролинг стоунс“, Брус Спрингстин, „Ју ту“, „Депеш мод“ и „Колдплеј“ е претставник на таканаречената „А листа“ на артисти од областа на рок-музиката.

Стинг веќе е на промотивна светска турнеја од февруари годинава, во која ги опфаќа сите континенти.

Дел од летото му е резервирано за Европа, а на почетокот на септември настапува во Јужна Америка, додека во Европа повторно се враќа со серија на концерти од средината на септември до крајот на октомври.

unnamed (2)

Неговиот придружен состав, како и секогаш, е со најпознати и најквалитетни светски музичари: Доминик Милер (гитара), Џош Фрис (тапани), Руфус Милер (гитара). Kако специјален гостин во Скопје, како и на целата турнеја, со свое шоу пред настапот на Стинг ќе настапи Џое Самер.

Инаку, „Авалон продукција“ го потврдила концертот на Стинг во Скопје на 5 мај, а според инструкциите на менаџментот на Стинг како ден за објава на ова шоу е одбран токму денешниот ден.

unnamed (3)

„Сите информации поврзани околу продажбата на влезниците за овој навистина голем настан ќе бидат објавени вечерва во 20 часот. После повеќе од 200 концерти низ целиот Балкан, посебно не` радува фактот што, сепак, врвот во досегашната работа на Авалон Продукција ќе претставува концерт на Стинг на 15 октомври“, велат од „Авалон“.

Top