среда, 23 август 2017 | Вести денес: 34 ново

„Свадба“ за матура, алманах за мини-матуранти – што им правиме на сопствените деца?!

maturanti josip broz (3)

Пари нема, а пари се трошат. Махери сме за измислување разно-разни поводи за правење прослави ала свадби. Се земаат кредити за матурска прослава, небаре чудо направило детето што завршило средно образование, кое, да посочиме, е задолжително. 300 евра за фустан за матура или облека за момче. 100 до 200 евра чевли, шминка, фризура, накит – уште најмалку 100 евра. Подарок за партнерот/партнерката – 50 евра. Екскурзија пред матура, фотографирање за табло, подароци за другарките… И на крај „свадбата“ која мама и тато ја организираат. Таа ептен удира по џебот, ама нели, кога се работи за дете, сѐ ќе се направи… Дали треба?!

383549-za-dostoinstveni-i-bezbedni-maturski-proslavi

-Бев на матурска прослава кај детето на моја колешка. Во ресторан. Фино и културно. Отмено. Шведска маса, интересна храна, школки, ракчиња, лосос… Ангажиран бенд со фино музиче, направи одлична атмосфера. Матурантот стокмен од глава до петици. Осумдесетина гости, плус друштвото на матурантот – некаде околу 120 гости. И сега кога ќе размислам ние имавме толку гости на нашата свадбена прослава… 120 гости… Нека те чини 15 евра секој гостин – 1800 евра… Каде се трошоците за облекување на детето, на родителите, бендот… – коментира скопјанката Кристина.

Maturanti_Gorna_Gimnazija_-_2

Родителите земаат кредити за да организираат матурска прослава. Земаат кредити и за полуматура.

-Мојата полуматура беше многу скромна. Бев облечена во фармерки, маичка и „старки“, најскапото парче на мене. Дојдоа бабите и дедовците, вујко ми… Кафе, торта, ме испратија и толку. Но, сега е полуматура на мојата ќерка. Фустанот се шие. Оставам простор да купам нов доколку не ѝ се допадне тоа што ќе го изработи шнајдерот. Се размислувам за прославата. Таа е нерешителна дали сака или не сака да правиме поголема прослава. Но, знаејќи дека останатите дечиња ќе имаат прослава, не сакам и јас да ја делам. А и немам намера секој ден дома гости да чекам. Планирам да направам прослава во ресторан, да најмам диџеј или некој помал бенд, па нека ѝ биде тоа вечер за паметење – раскажува Мартина, мајка на полуматурантка, која се чини е позагрижена за прославата од тоа каде нејзиното дете ќе го продолжи своето школување.

Mini-maturanti-Promo

И додека мислите дека тоа е претерано, доаѓаат оние мини-матуранти. Родителите чиишто деца ќе бидат првачиња во септември брцкаат длабоко во нивниот џеб. Во градинките им бараат од 400 до 600 денари за табло или алманах, во зависност во која општина оди детето.

-Денеска отидов да го однесам детето во градинка. Воспитачката ме „нападна“ со милион информации – фотографирање за табло доколку го праќаме детето во прво одделение. Спомена алманах. Доколку не оди прво одделение, 60 денари за групна фотографија. Не знам колку пари за албумче со фотографии од завршната претстава. Брзав, доцнев за на работа, па немав време да анализирам. И реков дека ќе се слушнеме за да ми објасни. Тргнав на работа и почнав да размислувам за разговорот со воспитачката – табло за „завршена“ градинка. Алманах?! Боже… Нема да го двојам моето дете од останатите, но зар е потребно тоа?! Пет години секој месец купуваме влашни марамчиња, хартија за бришење раце, течен сапун, пластични чаши. Пари за фотографирање за нова годин, пари за фотографирање за маскенбал на 1 април, пари за украсување за нова година, подарочиња за лотарии… Аман, има ли крај. И додека ова ми се врти во глава, слушам реклама на радио – резервирајте за вашите матурски, полуматурски прослави, резервирајте за првиот училиштен ден на вашето прваче. Зар треба да правам свадба во септември што детето започнува со еден нормален процес – образование – револтирано коментира Александра.

Кој профитира од „радосните моменти“ кои градинките ги организираат за децата?! Како едни исти фотографи ја добиваат шансата да ги прават фотографиите во градинките? Дали ова влијае добро врз воспитувањето на нашите деца?! Дали ние не ги уништуваме сопствените деца со глупостите што сами ги измислуваме?! Ако направам прослава со бенд за полуматура, што ќе очекува моето дете од мене за матура?! Да го донесам Џастин Бибер или некој друг миленик на тинејџерите?!

Да си ги спасиме децата од самите себе додека можеме.

Top