петок, 20 април 2018 | Вести денес: 71 ново

Борбата за титулата се разгорува, двајцата тренери најавуваат беспоштедна битка на теренот!

mzt skopje

Тренерите на МЗТ Скопје и на Карпош соколи, Анте Назор и Драган Николиќ, се максимално фокусирани на предизвикот пред нив во пресрет на денешната мајсторка (18 часот) за титулата во македонското првенство. Двата тима досега ја користеа предноста на домашниот терен, па во таборот на МЗТ се надеваат дека со третата домашна победа, во СЦ „Јане Сандански“ ќе се прослави нова титула, шеста во низа за „штрковите“ од скопската населба Аеродром.

– Мора да влеземе во борба за секоја топка уште од самиот почеток, тоа мислам дека е клучната работа за вечерашната пресметка. Одбраната мора да биде агресивна, а играчите мора постојано да имаат контакт со противниците, тоа е нешто што ни донесе победи на претходните дуели со Карпош Соколи. На средбите на кои не игравме вака му дозволувавме на ривалот да се размавне, да си ја зголеми самодовербата и тогаш не минувавме добро. Втора клучна работа е контролата на скокот, без тоа нема да можеме да се надеваме на успех. На крај, нападот мора да биде паметен, до последната секунда, без избрзани потези и шутеви од неизградени позиции. Ако успееме да ги примениме на паркетот овие три работи, уверен сум дека ќе славиме на крајот – вели тренерот на „металците“, Анте Назор.

karpos sokoli 1

На спротивната страна, Драган Николиќ се обидува да го намали притисокот врз својот тим потсетувајќи дека ова во секој случај е најуспешна сезона во клупската историја.

– Горд на досегашните постигнувања на Карпош Соколи во сезоната која и без разлика на исходот на вечерашната мајсторка може да се нарече историска. Сега ни останува само уште еден натпревар од убедливо најквалитетното и најизедначено финале во последните години во Македонија. Како и да заврши петтиот дуел, јас од мојата дедовина ќе си заминам со крената глава. Најважно е се да помине во најдобар можен ред, екипата е подготвена да го даде максимумот и сите едвај чекаме да почне средбата за да покажеме дека имаме квалитет да го направиме и оној најважен чекор кон совршенството – изјави Николиќ во пресрет на вечерашниот решавачки натпревар.

Дуелот меѓу МЗТ Скопје и Карпош соколи се игра денеска со почеток во 18 часот во СЦ „Јане Сандански“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top