петок, 20 октомври 2017 | Вести денес: 76 ново

Европа ќе добие нов шампион, Олимпијакос ја елиминираше ЦСКА Москва во полуфиналето на фајналфорот

spanulis

Олимпијакос е првиот финалист на завршниот турнир на Евролигата во кошарка, откако во драматично полуфинале во „Синан Ердем Дом“ во Истанбул ја победи ЦСКА Москва со 78-82, во меч со уште еден пресврт и уште една симултанка на Василис Спанулис.

Иако „армејците“ имаа и двоцифрена предност во текот на мечот, сепак, Олимпијакос со неверојатен финиш направи целосен пресврт и во финалето ќе го очекува подобриот од дуелот меѓу Фенербахче и Реал Мадрид. Интересно е што овие два тима досега четири пати се сретнале во мечеви од завршните турнири на Евролигата и сите четири пати поуспешна беше екипата од Пиреја.

Русите подобро го отворија натпреварот и со цврста одбрана и инвидуалности на Хајнс и Де Коло поведоа со 9-2. Пирејците брзо се созедоа и по тројката на Папаниколау поведоа во 5. минута (7-9). Во втората половина на првиот период во игра влезе Теодосиќ, кој заради повреда пропушти многу тренинзи овој месец. Со непробојна одбрана, момците на Итудис направија серија 9-0 и првиот период го завршија со 18-12.

Грчкиот тим преку Папапетру и Папаниколау подобро го отворија вториот период и намалија на 24-20 во 14. минута. По поените на Де Коло по пик-ен-рол во 16. минута ЦСКА Москва поведе со +8. Ниту тајм-аутот на Сфаирополус не помогна и Хајнс со забивање го донесе првото двоцифрено водство (30-20). На европските прваци им тргна и шутот и Теодосиќ погоди тројка за +11 во 18. минута. Благодарение на Принтезис, Олимпијакос ја спушти разликата и на крајот од вториот период заостануваше за 7 поени (40-33).

cska moskva

Олимпијакос подобро го почна третиот период и благодарение на Спанулис се доближи до 48-44 во 25. минута. Но, тандемот Теодосиќ – Де Коло со нова серија предноста ја донесоа до +9 во 27. минута (55-46). Следеше тројка на Манцарис и тајм-аут на Итудис при 60-54. Кога Џексон погоди на влезот во последната минута од третиот период, ЦСКА Москва ја врати двоцифрената предност. Но, две тројки на Аграванис и Манцарис ги доближија Грците на 64-60 на крајот од третиот период.

Со фанатична одбрана Олимпијакос комплетно се врати во мечот и намали на -2 во 32. минута. Спанулис со положување намали на само 65-64 и мечот стана игра на нерви и психолошка драма во финишот. Спанулис израмни на 69-69 на три минути до крајот, а погоди и тројка за прво водство на пирејците на неполни две минути до крајот (73-74). Со наизменични поени со егал се влезе во последната минута, кога тројката на Грин донесе водство на Олимпијакос (76-79). Теодосиќ на шест секунди до крајот промаши тројка за пресврт и Олимпијакос пак на чудесен начин како во Мадрид пред две години ја победи ЦСКА Москва со 78-82 и ќе игра ново финале на Евролигата.

cska

Во екипата на ЦСКА Москва најефикасни беа Теодосиќ со 23 и Де Коло со 16 поени, а кај Олимпијакос се истакнаа Папаниколау и Принтезис со по 14 поени, но Спанулис на кого не му одеше во текот на целиот натпревар со серија на поени, вкупно 14 во мечот го донесе финалето.

Вечерва од 20.30 часот се игра второто полуфинале меѓу Фенербахче и Реал Мадрид.

Top