понеделник, 20 ноември 2017 | Вести денес: 1 ново

Тодоров до Спасовски: Ајде да организираме нови предвремени парламентарни избори, па победете (видео)

Не гледам зошто е лошо да се случат нови избори, посочи Никола Тодоров од ВМРО-ДПМНЕ во тв дуел со Оливер Спасовски од социјалдемократите.

– Ако локалните избори се одржат на 15 октомври, зошто на истиот ден да не се одржат и парламентарни избори, трошокот нема да биде поголем и граѓаните ќе можат да се изјаснат за тоа дали сето тоа што се случуваше во изминатиов период го одобруваат или не. Дали тиранската платформа е добра, дали изборот на Талат Џафери е добар, граѓаните ќе можат да се изјаснат за се’-  посочи Тодоров кој додаде дека на крајот граѓаните се тие кои се ултимативниот оценувач на состојбите.

Спасовски пак, смета дека изборите нема да донесат ништо ново.

-Граѓаните се изјаснија. За тоа ќе разговараме, но сега мора сериозно да се зафатиме со реформи- смета Спасовски кој што коментирајќи ги резултатите од анкетата на ИРИ, каде ВМРО-ДПМНЕ има значителна предност, вели „тие и во декември тврдеа дека имаат 63 пратеника“.

-Резултатите сега не се врз база на изборите во декември, туку на она што се случуваше потоа, со тиранската платформа. Ова е сериозно поместување на политичката сцена за која имаме должност да го вратиме мандатот на граѓаните- посочи Тодоров кој праша дали Спасовски е сигурен дека социјалдемократите ќе го повторат резултатот.

„Не би рекол, ќе имаме повеќе пратеници“ се пофали Спасовски, на што Тодоров возврати со прашање дали Спасовски анкетата на ИРИ  ја смета за грешна, а потоа констатирајќи, „Ако сметате дека ќе победите, победете“, за што Спасовски ја одби понудата со зборовите „нема потреба“.

Top