сабота, 22 јули 2017 | Вести денес: 0 ново

Бразилскиот претседател не се повлекува

Бразилскиот претседател Мишел Темер денеска ги отфрли барањата на опозицијата да поднесе оставка.

– Не се повлекувам од функцијата. Знам што имам направено, изјави Темер во своето обраќање од Претседателската палата во Бразилија, порачувајќи и на бразилската јавност дека ќе ја докаже својата невиност.

Барањата за оставка на Темер се појавија откако беше осомничен дека дозволил да се даде поткуп за да се замолчи сведок во голема корупциска афера.

Станува збор за поранешниот бразилски политичар Едуардо Куња, кој сега е во затвор, осуден за корупција.

Случајот со претседателот Темер го откри весникот „О Глобо“, кој за своето тврдење за вмешаноста на шефот на државата во „давањето поткуп“ располага и со аудио снимка од негова средба со угледен бразилски бизнисмен.

Најголемиот дел од снимениот материјал е неразбирлив, освен во делот кога станува збор за давање пари за замолчувањето на Куња.

Темер изјави дека снименото парче е автентично, но дека на средбата со бизнисменот не станало воопшто збор за поткуп и за она за што тој сега е обвинуван.

– Никогаш не сум дозволил да се плаќа некому, за да биде замолчен, тврди Темер во својата одбрана.

Кризата околу позицијата на претседателот предизвика пад на вредноста на акциите на бразилската берза за девет отсто, што е најголем таков случај во последниве десет години.

Врхвниот суд на Бразил покрена веднаш истрага за обвинувањата кон претседателот.

Пред една година Мишел Темер ја наследи Дилма Русеф, која беше сменета со импичмент.

Нејзините приврзеници и опозициската Работничка партија на Русеф и на поранешниот претседател Лула да Силва, против кого се води судски процес, сега бараат и Темер да биде изложен на постапката за импичмент.

Top