сабота, 27 мај 2017 | Вести денес: 55 ново

Дани Димитровска: Рокенролот е жив

Можеби сум една од последните борци во тој ред, но ред, линија има. Сѐ дури има, жив е. А, жив е дури дишеме. А дишеме дури пееме. И така...

IMG_6221

„Нема две“ е песната со која Дани Димитровска го најавува својот нов албум. Материјалот, кој се подготвуваше трпеливо и со многу љубов во последните две и пол години, е готов и ги чека есенските дождови за својата промоција.

Глупаво е да се каже пауза кога за вистинските музичари никогаш нема одмор од музиката. Но, може да се каже дека те нема често на сцената како што некогаш бевме навикнати. Зошто?

Дани: Така е. Терминот „пауза“ не постои во музиката. Не постои во ништо што се прави од љубов. Барем за мене. Континуирано работам со својата екипа (Весна Малинова-Бабамов и Кирил Бабамов) на нови песни. Никогаш не сум престанала. Медиумската застапеност никогаш не ми била приоритетна, дури ни тогаш кога ме имало често. Долго време бев посветена на албумот, а надвор од тоа, со неминовното себезреење, зрее и потребата од промена… во смисла на подигнување на свеста за пораките што се пренесуваат, преземањето одговорност… Седејќи на страна, не е одговор. Ете, со „brainstorming“ си одговорив и на сама себе.

Го најавуваш и твојот нов албум. Кога може да го очекуваме?

Дани: Готов и подготвен е за „пуштање на слобода“. Во периодов себично уживаме и му се радуваме ние што работевме на него. Евоцираме случки од неговата изработка, бараме влакно во сено… Со првите есенски дождови, ете нѐ и нас, ќе го приложиме две и полгодишниот труд, ќе обелодениме вистини и наши вредности.

И во најавната песна на новиот албум „Нема две“ повторно соработуваш во Весна Малинова. Тимот што победува не се менува, но што е тоа што Весна најмногу го погодува кај тебе?

Дани: Соработуваме 17 години. Со годините сме вложиле труд во соработката и другарството. Сме се поврзале. Се познаваме вистински. Растеме заедно и нема ништо поубаво од тоа да се радувам на успесите или да тагувам на неуспесите во екипа. Сам, па макар и на највисокиот врв е, сепак, сам. Таму нема лезет. Ме погодила во начинот на кој инспирира, што ја мотивира, како ме сака, учи и негува… Најважно, ја знае и удвојува суштината на нашето постоење. Доволно…

Пееш за твоето Скопје. Што е тоа што најмногу ти недостига од градот каков што ти го познаваш?

Дани: Видеото за „Нема две“ е со кадри од првиот македонски филм во боја „Градот на Вардар“ на извонредниот Бранко Гапо, снимен во 1962 година, кога не сум била ни во план. Тоа Скопје не го познавам. Во „Градот на Вардар“ есенцијално е прикажана градската атмосфера, лесно се чувствува едноставноста на живеењето, мирисот на тревата во паркот, насмеаните во од елегантно стокмени скопјани, сообраќајниот метеж, корзото итн. Чувствувам човекољубие, сочувство, љубов. Тоа инспирира песна… за моево Скопје. Тие се подзаборавени вредности за кои пеам. Затоа спојот меѓу песната и видеото е вистина.

IMG_62881

И во периодот кога најмногу те гледавме и на свирки и на малите екрани беше еден од последните борци во редовите на рокот. Работите денес уште повеќе се изменети. Жив ли е рокенролот?

Дани: Свирките си постојат и ќе си постојат. Во континуитет. Тоа ми е животот. На малите екрани ги нема бидејќи има дефицит од големи настани што поддржуваат македонска музика, а уште помалку има емисии што би требало да ги пренесуваат. Жив е, жив. Можеби сум една од последните борци во тој ред, но ред, линија има. Сѐ дури има, жив е. А, жив е дури дишеме. А, дишеме дури пееме… И така.

Музиката настрана, како течат другите твои активности? Беше член на AntiAIDS и имаше голем удел во кампањите за едукација на младите лица.

Дани: Во овие две и пол години ги проретчив тие патувања, кои реално бараат фокус и време. Приоритет ми беше албумот. Во моментов подготвуваме кампања за истата тема, која ќе се одвива во Каиро.

До каде се македонските тинејџери по ова прашање?

Дани: Немам доволно информации за ова прашање.

И самата си мајка на тинејџер, период кој е предизвик и за децата, но и за нивните родители. Како се справуваш ти?

Дани: Будно. Другарскиот однос ни е заедничка вредност. Учи од своите избори и одлуки. Мое е да советувам, поддржувам и да љубам.

Пишува: Марина Костовска 
Фото: Бојан Стоилковски
(Текст објавен во 246. број на неделникот „Република“, 19.05.2017)

Top