четврток, 22 јуни 2017 | Вести денес: 101 ново

Белград се гради со парите на Харадинај

Косовската граница е на Чакор, изјавил кандидатот за премиер на Косово, Рамуш Харадинај, на предизборниот собир во селото Јабланица, кај Ѓаковица. Пред насобраните граѓани Харадинај го повторил ставот дека нема да отстапи од противењето за демаркацијата со Црна Гора и за формирањето на заедницата на српските општини во северниот дел на Косово, пренесе Б92.

По ослободувањето од затворот во Франција, каде што помина неколку дена по поднесувањето на барањето за испорачување од страна на српските правосудни органи, Рамуш Харадинај продолжува со острата реторика упатена кон властите во Белград и во Србија.

Минатата недела Харадинај ја исклучи можноста неговата партија Алијанса за иднината на Косово, на претстојните избори во Косово да биде во коалиција со партиите што биле дел од претходната влада односно со ДПК и ДСК. Наспроти ова, неговата партија и Иницијативата за Косово на Фатмир Љимај завчера потпишаа спогодба за предизборен настап со најмногубројната партија на Косово, Демократската партија на Косово. По предавањето на барањето до Централната изборна комисија за регистрација и заеднички настап на изборите од АИК и Иницијативата соопштија дека Харадинај ќе биде кандидат за премиер од нивната коалиција, додека од ДПК сѐ уште не се изјасниле за ова прашање, пренесува Б92.

Вчера медиумите во Србија објавија текстови за тоа дека браќата Даут и Рамуш Харадинај преку српски фирми градат станови низ српските градови. Во Нова Пазова биле изградени неколку објекти, кои месното население ги нарекува „харадинајки“, со вкупно 200 стана. „Телеграф“ пишува дека фирмата преку која градат во Србија е регистрирана во Нови Сад. Во Нова Пазова биле откупени две стари куќи на главната улица на кои биле изградени нови објекти, а за кои не била почитувана процедурата за исполнување на урбанистичките услови. Браќата Рамуш и Даут Харадинај, кои се водачи на поранешната ОВК, досега изградиле 25 стана, и тоа шест стана во Белград, осум во Нова Пазова и 11 во Нови Сад, пишува „Телеграф“.

Top