петок, 24 ноември 2017 | Вести денес: 4 ново

Претседателот Иванов во работна посета на Јордан

ivanovПретседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, утре ќе престојува во работна посета на Хашемитското Кралство Јордан по повод учеството на Светскиот економски форум за Блискиот Исток и Северна Африка, кој се одржува во Аман.

Иванов, како што соопшти неговиот Кабинет, ќе учествува на пленарна сесија на свеченото отворање на Светскиот економски форум за Блискиот Исток и Северна Африка и на сесијата на тема „Заштита на бегалци: наша морална одговорност“.

Во рамки на работната посета, претседателот Иванов ќе оствари билатерална средба со Кралот на Хашемитското Кралство Јордан, Абдула Втори, како и повеќе билатерални средби со учесниците на форумот.

На Светскиот економски форум за Блискиот Исток и Северна Африка е најавено учество на повеќе од 1.000 политички лидери, претставници од бизнис секторот и цивилното општество, од повеќе од педесетина држави.

Темите на дискусија на форумот се однесуваат на улогата на Кралството Јордан во регионот, економските перспективи на земјите од овој регион, промените во геополитиката и хуманитарните предизвици во однос на состојбите во Сирија, Ирак и Либија, како и актуелната мигрантска криза.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текст е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторска содржина (текстови и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top