четврток, 22 јуни 2017 | Вести денес: 101 ново

Големоалбанштината на поранешниот конгресмен Диогарди: Тие што го тепале Села се претставници на словенската власт

dioguardi_nj1

На сослушување во Поткомитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом на Kонгресот, откако се обрати заменик-помошникот на американскиот државен секретар за Европа и за Евроазија, Хојт Брајан Ји, се обрати и претседателот на Албанско-американската граѓанска лига, Џозеф Џ. Диогарди. Тој се осврна на нападот врз пратеникот Зијадин Села и на упадот во Собранието.

Тие што ги нападнаа тие што гласаа за новиот претседател на Собранието беа помошници на досега владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ и нивни платеници и паравојски. Тоа беше обид за да се внесе страв кај тие што сакаат реформи во корумпираната македонска власт предводена од поранешниот премиер Никола Груевски – изјави Диогарди, кој е и поранешен конгресмен.

Тој истакна дека партијата ВМРО-ДПМНЕ, предводена од Груевски, е насилна антиалбанска политичка партија во која членуваат осудени криминалци, спомнувајќи го Јохан Тарчуловски.

Вистинската загриженост на партијата ВМРО-ДПМНЕ е страв од кривична одговорност за лидерите, вклучувајќи ги Груевски и директорот на неговата тајна служба, кои, најверојатно, ќе се соочат токму со тоа кога ќе ја загубат моќта – смета Диогарди.

Познати се неговите антимакедонски ставови и величањето на Албанија и албанството, секогаш претставувајќи ги Словените како виновници за страдањата на Албанците на Балканот. Така беше и овој пат кога тој рече дека тие што го тепале Села се претставници на словенската власт. Потоа тој додаде дека само еден телохранител Албанец го бранел Села, што е доказ за економската дискриминација што се врши врз Албанците, истакна Диогарди.

При обраќањето тој коментира и дека Русија ќе ја искористи ситуацијата за да влијае и да создаде етнички конфликт за да ја зајакне својата позиција на Балканот.

Според неговите предлози, САД повеќе не треба да чека Европската унија да ја реши политичката криза во Македонија и дека треба да преземе водечка улога пред да настане хаос и да биде голема политичката, финансиската и хуманитарната цена за расчистување.

Kако резултат на настаните од 27 април и одбивањето на претседателот Ѓорге Иванов да го даде мандатот тој смета дека САД и ЕУ треба да спроведат санкции против Македонија.

Top