недела, 19 ноември 2017 | Вести денес: 16 ново

Државотворен народ

Проф. д-р Јованка Кепеска

Проф. д-р Јованка Кепеска

Нацијата ги формулира сопствените конституенти, територијата, официјалниот јазик, симболите во моментите на своето создавање. Меѓутоа, во денешниот момент се јавува намерата за национално редефинирање. А за да настане таков момент, нема потребни оправдувања. Определбата за демократија нè обврзува на почитување на политичкиот систем, односно дека решавањето на сите прашања се врши врз принципиелна основа. Кои прашања беа претпоставени во последната дискусија во политичката јавност која беше и мошне плодотворна.

Во претендирањето на концептот за државноста, во барањето за рамноправност во службеноста на јазикот, во барањата во политичката и економската сфера, за видоизменување на обележјата на државата, во барањето право за учество во дискусијата за името, во ознаките на војните и полициските униформи, за патните и граничните обележја, во сите позиции на албанската (тиранската) платформа се тргнува од ставот дека албанскиот е државотворен народ во Македонија. Појдовниот аргумент е дека Албанците се втората по голема етничка заедница, така што се бара ново дефинирање на политичките конституенти на македонската држава.

Ваквите барања се претставуваат како барања за остварување на хуманистичките визии за еднаквост меѓу луѓето, што, теоретски, во интелектуалната сфера се идентификуваат со големите хуманистички идеи за природните права на човекот на просветителството.

Идеите на просветителството секако дека остануваат како порив и настојување за да бидат остварливи. Тие своевремено биле основата за Декларацијата за правата на човекот и граѓанинот, која произлегла во 1789 година од Француската револуција, од крајот на 18 век. Но, очигледно е во Декларацијата дека инаугурацијата на природните права настанува преку граѓанските права. А, граѓанските права се правата што се дефинираат според конкретниот општествено-политички поредок и во согласност со правно-политичкиот систем. Иако, кај нас се присутни и ставови, предоминантно во сферата на филозофијата, кои произлегуваат, традиционално, од незаснованоста на правата во политикологијата и позитивното право, што ги оквалификува како идеализирани.

Недоразбирање во однос на етничките права има и со оглед на принципот на нивниот третман. Имено, се превидува дека станува збор за индивидуални права на националните малцинства. Затоа што, денес, кај нас имаме востановен правно-политички поредок, а тоа значи дефинирани граѓански права. И станува збор и за дефинирани права и обврски во меѓуетничките односи. Уставна определба е дека се гарантира граѓанската рамноправност.

Во исто време кога, на пример, во Република Ирска има 134 етноси. Едукативните, културните, религиските барања на етничките припадници таму можат да се остваруваат во согласност со нивните материјални можности, се вели во Ирска. Различно е во Германија, САД, Франција и во други земји. Тоа говори дека хуманистичките визии за остварување на природните права на човекот мора да ја имаат својата сообразеност со реалноста. Затоа остварувањето на природните права на човекот е општествен процес.

Во исто време кога, според некои филозофи, се упатува на визијата на соживотот што симболично е претставен во синтагмата за односите „комши-капиџик“, од времето на нашиот патријархален живот. Значи од периодот во кој се живеело врз основа на морални, институционално неустановени норми што само по себе е нереално и е анахронизам.

Доколку постојат делови од народи што имплицира дека тоа се етноси кои со оглед на внесување етнички територии се дел од политичката заедница, тогаш би можело да се пледира на политички, уставно конститутивни, етнички права. Суштината на поимот делови од народ, според Европската конвенција за заштита на националните малцинства, е во таа смисла. Кај нас припадниците на етносите се национални малцинства во македонската политичка заедница. Тоа говори за начинот на кој правно е обликувано природното право за употреба на сопствениот јазик како културно право на практикувањето на јазикот и службената употреба при комуникација на етносите во згуснати етнички средини. Што нема статус како уставно право за службена употреба на етничките јазици на ниво на цела држава. Затоа мора да се третираат како неприфатливи барањата за етничко колективно претставување на државно ниво. Државата е граѓанска и граѓанскиот принцип е претпоставен во политичкото претставување. Без квоти и паритет, без принцип на поделба на власта меѓу победничките партии од различни етноси. Само според индивидуалните карактеристики на поединецот, неговата заслуга за државата и потребите на народот и без интенција да се создадат етнички чисти територии со претпоставка дека ќе инклинираат кон колективни етнички права.

Top