недела, 28 мај 2017 | Вести денес: 74 ново

Ќе има ли екстерно тестирање – прашање на кое никој нема одговор

eksterno-testiranje500

Ветувањето на СДСМ за укинување на екстерното тестирање создаде трауми кај учениците, родителите и kaj наставниците и никој не може со сигурност да потврди дали тоа ќе се одржи. Некои од наставниците во основните училишта веќе почнале со учениците да ги вежбаат прашањата за екстерно, објавени на интернет-страницата на Министерството за образование. Годинава веќе никој ниту бара ниту нуди одговорени прашања по социјалните мрежи.

„Дневник“ објави дека и во фотокопирниците, кои минатата година во овој период имаа печатени скрипти со прашања и so одговори за сите предмети што се полагаат на екстерно, годинава не се подготвени, велат ќе чекаат до последен момент.

Во Министерството за образование креваат раменa. Нема одговор на прашањето – ќе има ли екстерно или не. Се е претпоставка – доколку се формира Влада за десет дена, треба веднаш да се свика седница и да се донесе одлука, која експресно би била објавена во „Службен весник“. Тестирањето треба да почне на 2 јуни. Тоа е неработен ден, што, како што коментираат, можно е екстерното да почне ден подоцна, на 3 јуни.

Доколку Зоран Заев не оформи Влада за десетина дена, не постои можност за укинување на екстерното тестирање. Заев вчера рече дека стои на даденото ветување пред граѓаните и дека се верува дека екстерниот испит ќе биде укинат.

– Ние ветивме укинување на екстерното тестирање, тоа ќе биде само уште една причина да побрзаме со формирање на владата, зашто искрено и длабоко во нашите политички концепти веруваме дека овој механизам на екстерно тестирање, навистина, предизвикува траума најмногу кај децата, со тоа и кај нивните родители и нивните наставници – рече Заев.

Според него, екстерното тестирање во својата досегашна форма било неуспешно и мора да се отфрли.

До вчера никој од институциите не даде образложение дали децата што ќе го пропуштат првиот испитен рок во јуни, ќе полагаат во август или воопшто нема да полагаат.

Од Министерството за образование, неофицијално, велат дека не е толку едноставно да се донесе решение кој ќе полага екстерно и во кој термин, а кој нема.

– Само учениците што се сериозно болни или се на некој меѓународен натпревар може да одложат полагање од јуни за август. Но, сега со последниве политички случувања никој не може да каже што точно ќе се случува со екстерното полагање годинава – објави „Дневник“, повикувајќи се на извори од Министерството за образование и наука.

Top